Фалсификуван лек за дијабетичари нелегално се продава во некои аптеки

|

Фалсификуван лек “Оземпик” нелегално се продава во Македонија. Овој лек е строго забранет да се продава во веледрогериите, ама некои од нив под рака го продаваат. Но она што е најопасно – лажниот “Оземпик” пацинетите го купувале без рецепт и без препорака на лекар специјалист. Го користеле и за лекување на други болести, како што е дебелина, а не за неговата основна намена. Од МАЛМЕД потврдуваат дека добиле претставка оти е пронајден фалсификуваниот лек во продажба, а во моментов истражуваат каде нелегално се продава.

„Пријавата до МАЛМЕД е примена кај носителот на одобрението кој има лиценца за дистрибуција на лекот Оземпик на пазарот. МАЛМЕД врши и инспекциски надзор во рамките на своите надлежности во областа на дистрибуција и продажба на лекот Оземпик низ територијата на РМ, но досега не најдовме конкретен случај. Злоупотребата на овој лек е многу актуелна и тоа е последица на препораките на социјалните мрежи и влијанието на познати луѓе (инфлуенсери) кои го наметнуваат врз граѓаните“, велат од МАЛМЕД.

Од МЗ го избегнаа одговорот дали знаат за злопутребата на лекот и дали ќе постапат. Само се прогласија за ненадлежни.

Инаку овој лек се користи во државата, но во строги контролирани болнички услови. Но никако не смее да се продава во обични аптеки и пациентите да си го купуваат на своја рака.

Дека на фармацевскиот пазар во Косово пуштен е во продажба лажниот „Оземпик“ алармираше пред три недели и ендокринологот Хасан Танер од ГОБ 8 Септември, каде откри дека на негова пацинетка ѝ била под рака дадена оваа терапија.

Лекот „Оземпик“ во Македонија е во дефицит. Станува збор за добра дијабетна терапија која чини поскапо, но бројни пациенти во државата без препорака на доктор ја користат и за слабеење и тоа е јавна тајна.

Инаку, според податоците на здравствените власти, Македонија е меѓу земјите кои прекумерно користат лекови без препорака од лекар, вклучително и антибиотици. Според Фондот за здравство, само во текот на 2021 година граѓаните на Македонија купиле над 1 милион и 500 илјади антибиотици, но не се знае колку се продадени со рецепти, а колку без рецепт. Од Фармацевтската комора велат дека во последните години се соочиле со рекордна продажба на антибиотици.