Бугарски државјанин од Петрич вчера бил приведен во Скопје по обид за подмитување на полициски службеници да му прогледаат низ прсти за сообраќаен прекршок.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) утрово, 60-годишниот бугарски државјанин со иницијали Б.Е.Г. од Петрич бил приведен околу 14 часот од полициски службеници од Полициската станица „Кисела Вода“, поради сторено кривично дело давање поткуп.
„Откако полициските службеници му ја побарале сообраќајната дозвола и му укажале дека ќе му биде изречена глоба, Б.Е.Г. во сообраќајната дозвола ставил пари (евра) и рекол дека тоа го направил за да се почестат, односно да не му изречат глоба“, стои во соопштението на МВР.
По ова, се додава во соопштението, полициските службеници веднаш го лишиле од слобода поради сторено кривично дело давање поткуп по член 358 од Кривичниот законик.
За случајот е известен јавен обвинител и по неговото документирање против бугарскиот државјанин до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.