Два активни пожара во прилепско и во кривопаланечко – во изминатото деноноќие ги имало 23 во цела Македонија

|

Пожарот во Прилепско сè уште е активен, а утринава има нов пожар во кривопаланечкото село Кркља, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму информираат дека во гаснењето на пожарот во кривопаланечкото интервенирале тројца пожарникари со едно противпожарно возило, а од 8 часот е упатена уште една екипа со четири лица со теренско возило од „Осогово“, подружница на „Национални шуми“.

Активен останува и пожарот во прилепско каде гори сува трева и нискостеблеста деградирана шума. Таму вчера заради брзото ширење на пожарот беа активирани и три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување кои направија по два прелета.

Во последното деноноќие, според информациите од ЦУК, имало пријави за вкупно 23 пожари на отворен простор, вклучувајќи го и пожарот во кривопаланечко.