Кучето Симба со денови лежи покрај автомобилот на неговата почината спасителка од Кавадарци

|

Симба е кучето кое повеќе денови лежи покрај автомобилот на својата спасителка Билјана Галабова, која почина во Кавадарци.

„Дека кучето е најлојален и најверен пријател на човекот сведочат многу примери! Ова е кавадаречкиот Симба, кој веќе трети ден лежи покрај автомобилот на неговата спасителка Билјана Галабова, очекувајќи ја да дојде…Срце да ти се крши!“, оваа емотивна вест ја објави Здружението „Шепи 2021“ од Кавадарци.

Фотографијата е направена од активистката за заштита на животните, Билјана Миркова.

„Симба е улично куче и за него се грижеа сите од зградата, му даваа храна , но највеќе Галабова. Таа почина, а Симба од тој момент не се трга од нејзината кола. Не мрда од таму. Таа нон стоп го хранеше и се грижеше за него и затоа најмногу ја сака. Навистина многу се сакаа“, вели Биљана и додава:

„Симба е многу мирно и многу е мило куче. Би било прекрасно некој да го вдоми, некој кој има дворче. Симба очекува неговата омилена личност да излезе, да му даде да јаде, научен е на неа и чека да се галат. Тој не е гладен, ние му даваме да јаде. Ама тој не мрда. Премногу се сакаа. Симба беше заловен и во стационар и Галабова отиде таму, го зема и го хранеше. Не знам до кога ќе лежи. Во секој случај многу тажно“, изјави Миркова за порталот ММС.