Свирепо убиство во Бугарија: Деловите од телото на 41-годишен криптомилионер фрлени во тоалет – Неговиот пријател го распарчил

|

Во Бугарија е убиен 41-годишниот криптомилионер Кристијан Пеев. Бугарската полиција соопшти дека убиството се случило ноќта на 8 август. Телото го пронашле водоинсталатери кои дошле да го исчистат затнатиот одвод во тоалетот.

За убиството е осомничен Бугаринот Веско Валчинов, кој му бил пријател и деловен партнер на убиениот Пеев.

Исчезнувањето на Кристијан Пеев го пријавила неговата сестра на 10 август, пишува дневниот весник Труд. Истражителите по проверката на двата телефони на жртвата, утврдиле дека тие престанале да работат на 8 август. Проверени се сите контакти кои ги имал на денот кога последен пат бил виден. Еден од нив бил со неговиот пријател Веско Валчинов.

Бугарските медиуми пренесуваат детали од истрагата во која од снимките од камерата на станбениот објект во кој живеел осмничениот Валчинов утврдено е дека тој и Пеев влегле во влезот во доцните попладневни часови на 8 август. Следниот ден Валчинов сам излегол од зградата. Доаѓал дома и повторно излегувал неколку пати во текот на денот посетувајќи сомнителни места.

Во истрагата е потврдено дека на убиецот му помогнал уште еден човек, Константин Суботинов кој е исто така приведен. На распитот тој признал дека му помогнал на Валчинов да ги сокрие деловите од телото на Пеев така што некои од нив ги возел со својот автомобил до Витоша и таму ги закопал. Кога сфатил дека полицијата му влегла во трага, Валчинов се обидел да се сокрие во хотел во Витоша, но неговата локација била следена на неговиот мобилен телефон.

Убиениот Кристијан Пеев имал американско и бугарско државјанство, а по завршувањето на студиите во САД се збогатил со инвестирање во криптовалути. Наводно тој бил чест гостин на елитните забави, а се верува дека таму го запознал убиецот кој работел како келнер. Убиецот и жртвата станале пријатели и имале намера да започнат бизнис со криптовалути, но условот бил Веско да му го врати долгот од 2.000 лева (околу 1.000 евра) на Кристијан. Локалните медиуми наведуваат и дека мотивите на убиецот се поврзани со љубомора.

Поранешниот келнер Валчинов претходно веќе два пати бил приведен. За време на сослушувањето, тој измислил различни верзии за бруталното злосторство, но сите се покажале лажни, според тестот на детектор за лаги.

Пеев е вториот криптомилионер кој е пронајден мртов во брутални околности во рок од еден месец. Претходно, на сличен начин заврши и аргентинскиот криптомилионер Фернандо Перез Алгаба. Распарчените делови од телото на Алгаба беа пронајдени во црвен ковчег во Буенос Аирес на 23 јули, откако тој исчезна пет дена претходно.