Превисоки цени на пазарите – граѓаните револтирани велат си одат со празни ќеси

|

Превисоки цени за прениски плати и пензии. Вака граѓаните ја коментираат сликата на пазарите, револтирани велат доаѓаме,разгледуваме и си одиме со празни кеси. Телма направи обиколка низ скопските пазари и ги забележа следниве цени. Голата праска, грозјето, сливите, кајсиите и доматот се продаваат по цени од 100 денари,краставиците од 80 денари, дињата 60, а нешто поефтин е компирот кој се продава по цена од 50 денари.

„Цените катастрофа се. Сега пројдов низ пазар ништо, торбата ја носам на рамо што ќе земам и да земам после за јаже немам. Многу е скапо, нека поведе малце Владата со народот со пензионерите“, вели еден граѓанин.

„Многу се поскапени цените. Кашкавалот 680 денари, лебот, млекото се е поскапено. “, вели граѓанка.

„Генерално да, во маркетите се приметливо доста на пазарот не сум пазарел сега скоро али мислам дека тие го пратат трендот од маркетите“,вели друг граѓанин.

Трговците признаваат цените се високи, а една од причините за ваквата состојба е тоа што нема кој да работи земјоделие.

„Оди надвор робата за Косово и затоа е покачена робата. И бостанот и дињата , пиперот, доматот све излегува надвор, оди за Србија за Косово така да затоа и се качени цените. А и нема роба да се набави, све што ќе се најде се наоѓа нешто по шкарт роба. Квалитетната роба е многу поскапа. Нема бостан затоа и висока е цената, а се зависеше од времето. Времето го направи своето да нема бостан затоа е и покачена цената. Инаку јас не памтам толку години да бостанот биде 30,35, 40 денари. Обично бил 5,10,15 денари значи преку сила 15 денари“, вели за Телма трговец.

Откако се укина мерката за замрзнување, сега цената на производите ја одредуваат трговците и маркетите. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените во земјоделството во јули 2023 година, во споредба со истиот месец лани, кај ѓубривата, семињата, машините е намален за 4.3 %, а се бележи зголемување од 16.2 % кај цените на оризот, зеленчукот и овошјето.