Домашното сирење произведено во македонските бачила ќе поскапи за 30 посто. Зголемувањето се очекува деновиве, велат за Телма група на сточари од Брегалничкиот регион. Ако досега го продавале од 500 до 550 денари за килограм, за неколку денови или од 1 септември ќе достигне и до 700 денари за килограм.
Наведуваат дека причините се што немаат работници, климатските промени, домашните производи се 100 проценти природни без додатоци, а имаат многу ниски цени. Поразителни се и податоците на сточарите кои наведуваат дека за пет години во беровско-пехчевскиот регион, каде се произведува брендираното малешевско сирење, стадата на овци се преполовени. Ако претходно имале 16.000 сега имаат над 8.000 грла овци.
„Токмку поради овие причини не е исплатливо да се произведува сирење и млечни производи во домашни услови, а резултатите што ги гледаме на терен се: младите не сакаат да работат и да продолжат со сточарството. Затоа се продаваат цели стади на овци“, велат група на сточари од Брегалничкиот регион.
Тие побараа од министерството за земјоделство и да се намали рокот за чување на пријавените овци од 1 декември на 1 октомври.
Во маркетите веќе се бележи зголемување на цената на млечните производи. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека во јули цената на сирењето и урдата скоканала за 1,8 проценти споредено со цената во јули лани, а пак цената на млекото за една година скокнала 0,8 проценти. Граѓаните велат дека постојано ги следат акциите во супермаркетите.
Утешна е информацијата од страна на одгледувачите на свињи и производителите на месо, кои деновиве излегоа со став дека цената на свинското месо нема да се зголеми, бидејќи ниската откупна цена на јачменото ја држи сегашната цена на свинското месо.