Нема да се продолжи рокот за нови лични документи иако термини нема

|

И покрај тоа што првиот слободен термин за фотографирање на лична карта и пасош е во декември, министерот Спасовски уверува дека МВР има капацитет до февруари идната година да ги промени документите за сите граѓани кои имаат со „Република Македонија“.

Вели, досега променети се документите на близу милион македонски државјани. Според пресметките, МВР ќе треба дневно да менува по околу 5.000 лични карти и 5.000 пасоши доколку сака да го фати рокот.
Проблемот, според Спасовски, бил во тоа што многу луѓе не ги почитувале термините и правеле проблем во системот.

– Ние веќе во петокот одржавме една средба. Инаку, на дневно ниво работиме. Ќе имаме наредниве денови одредени предлози коишто исто така ќе помогнат во релкасирање на целиот тој систем. Ако погледнеме досега, скоро милион граѓани ги смениле своите документи. Значи, динамиката е добра и секако дека со една добра организација ќе може да се заврши целиот овој процес, вели Спасовски.

Сега се отвора дилема, што со оние граѓани кои нема да успеат на време да ги променат документите? Спасовски не одговори конкретно дали со документи со „Република Македонија“ ќе може да се гласа на избори на пример, но вели дека правата нема да им бидат ускратени.

Министерот уверува, казни нема да има.

-Според оваа динамика што ја имаме ќе се успее успешно да се завршат сите тие промени на личните документи. Во ниту еден случај нема да стане збор за казнување на граѓаните, тоа нема да го направиме, ниту пак да трпат во остварувањето на своите права. Така што, во континуитет како ќе се одвиваат состојбите, каква ќе биде состојбата генерално со промената на документите, такви одлуки ќе носиме. Но едно е важно, одлуките секогаш ќе бидат во интерес на граѓаните, вели Спасовски.

Од Државната изборна комисија за Сител велат дека Избирачкиот список се ажурира врз основа на податоците кои добиваат од МВР. Доколку навистина се појави проблем, граѓани да не можат да ги променат личните документи пред следните избори, тогаш за нив решение ќе се бара со законски измени.

– Конкретно прашање е новонастаната ситуација, која не е опфатена во одредбите. Истото треба дополнително да се регулира со Закон, со цел на сите граѓани кои ги исполнуваат условите, да им се овозможи искористување на правото на глас, велат од ДИК.

Февруари 2024 е крајниот рок за промена на личните документи со ново уставно име на државата.

Во одделот за Управни работи на МВР секое лето можат да се забележат гужви за вадење на пасоши и лични карти, но оваа година нема термини. Сител веќе проверуваше како оди закажувањето на термини. Првите се во декември и тоа доколку воопшто успеете да добиете некој од операторите. Друг начин за закажување е електронски, но само преку „е-услуги“ бидејќи закажување не е возможно директно преку веб страницата на МВР.

Државата од март годинава го поскапи вадњето на лични документи.