ЕСМ подготвена за грејната сезона, цената на парното ќе се знае во септември

|

АД ЕСМ е целосно подготвена за новата грејна сезона. Ремонтните активности се во тек, очекуваме да завршат некаде на крајот на септември – почетокот на октомври со што сите производни капацитети на АД ЕСМ ќе бидат ставени во функција, рече денеска директорот на ЕСМ, Васко Стефанов.

Тој очекува во почетокот или средината на септември да се знае цената на парното греење.

Стефанов се надева и дека ќе продолжи поддршката од Владата со цел, како што напомена, ЕСМ да работи продуктивно, во интерес на граѓаните, за цената да не се зголемува и да нема рестрикции.

-Очекуваме РКЕ согласно роковите да си ја заврши работата, односно да ги проектира цените. Нашите односи со БЕГ се коректни. Во овој момент мислам дека се одвиваат тие должничко-доверителски односи и се надевам дека на крај ќе заврши се како што треба. Очекувам некаде почетокот или средината на септември дека ќе ја имаме веќе цената на парното греење, истакна директорот, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот за заем со ЕБОР.