Знаме со карта на „Голема Албанија“ повторно се вееше во Тетово, Касами вели тоа било одговор од граѓаните до власта

|

За завршеното асфалтирање на улица „108“ денеска Општина Тетово ги повика медиумите за да изврши промоција, а таму повторно се најде албанско знаме и карта на „голема Албанија“. Иако општината ги повика новинарите на настанот, градоначалникот Биљал Касами вели дека граѓаните го поставиле како одговор, како што рече, на провокации на власта.

– Општина Тетово се занимава со тоа што е обврска на општината, а тоа е да инвестира во патната инфраструктура и подобрување на животот на граѓаните. Другиот дел е акција и реакција. Акцијата на Владата и политичките партии на власт кои ги диригираат правните институции и пуштија пријави за мене и за општината во делот за тоа што најмалку би требало да се упуштат. Реакцијата на целиот државен врв и сите политички партии во Владата беше во правец на тоа дека јас треба да одговарам и за жал многу брзо правните институции, полицијата, Обвинителство и судовите преземаа мерки. Доколку оваа правна државна беа така агилни и во други ситуации каде изгоре луѓе, каде изгинаа луѓе, каде се луѓе по затвори во монтирани случаи, како што се неколку во државата секако дека не би имале време да се занимаваат со вакви ситуации. Јас сум цврсто убеден дека тоа е случај-политичка порака до мене и до сите кои мислат дека спротивно на оваа Влада дека ако работат спротивни на нивните партиски интереси и нивните личните интереси, ќе можат да ја имаат мојата судбина. Но веќе не само јас туку, сите граѓани не се плашат од ваквите уцени, луѓето веќе се убедени дека мора да има промени на централна власт за да имаат можност да им се подобрат условите како што ние работиме во Тетово, изјави Касами.

На новинарско прашање дали ќе влијае врз соживотот во Тетово, поставување на знаме со карта на „голема Албанија, Касами повторно со одговор дека тоа е реакција на граѓаните во односот што власта го има кон нив.

– Ова нема врска со општината со нашата организација, а тоа што има врска со нас тоа е промовирање на овој пат како што немаше врска воопшто и поканата за мене и општината во делот на организацијата на настанот во Тетово. Сите знаеме, дека протоколите кои беа во рамките на зградата на општината и градот, беа извадени знамињата согласно законите – и државното и на Република Косово и на националното и на општина Тетово. Порака до власта да не се занимаваат со луѓето со граѓаните да не ги провоцираат зошто ќе имаат соодветен одговор, одговори Биљал Касами.

Освен асфалтирање на улицата „108“ беше обновена коловозната лента и од оваа улица која излегува на кружниот тек на булеварите „Илинденска“ и „Видео Смилевски-Бато“.

На 11 август во Тетово беше пречекан косовскиот премиер Албин Курти. На концерт во негова чест човек од публиката вееше знаме со карта на Голема Албанија. Полицијата поднесе прекршочна пријава за Општината затоа што не беше интонирана химната и државното знаме, додека за лицето со знаме на „голема“ Албанија сè уште се води потрага. (МИА)