Манастирот Острог, посветен на Свети Василиј Острошки е еден од најпознатите и најпосетуваните на Балканот. Во манастирот луѓето се молат за здравје, за нивните најблиски и семејството, а го посетуваат и припадници на други религии.
Самиот манастир е во карпа, па патот до него е како мал аџилак. Многу верници боси се качуваат по камените скалила низ шумата во знак на почит кон светителот, а кога ќе пристигнат, од манастирот се гледа прекрасниот простор на спојување на ридовите и небото, а самиот поглед дава неверојатно чувство.
Едно од главните правила при посетата на светилиштето е секој верник да пристапи со чисто срце во молитвата, со надеж и верба во силата на Свети Василиј Острошки.
При влегувањето во манастирот е истакнат кодексoт на облекување – жените треба да носат здолништа и марами, а мажите да носат панталони и кошули со долги ракави. Некои од посетителите носат и подароци за монасите, тоа може да биде кафе, шеќер, масло и слично, а се оставаат и доброволни прилози. По поклонувањето пред моштите на Свети Василиј Острошки, верниците можат на хартија да ги запишат имињата за здравје и за покојните, кои монасите ги читаат во своите молитви.
Според легендата, свети Василиј секоја вечер го посетува манастирот, па наутро монасите наоѓаат црни траги на чорапите на светителот. Затоа верниците кои често одат по Острошкиот пат, покрај масло и вино, на светителот му носат и плетени волнени чорапи. Верниците носат и работи на блиски луѓе кои не можат да го посетат светилиштето, ги оставаат да преноќат покрај ковчегот, а потоа ги носат кај најблиските.
Постои едно старо правило кое се почитува меѓу народот, кое вели дека од манастирот Острог не смеете да земете ништо, ниту камен ниту цвет. Верниците можат да земат осветена вода и масло од кандилата во манастирската продавница.
Во манастирот има конак и во долниот и во горниот манастир, но честопати сите места се зафатени. Токму затоа голем број верници спијат надвор пред манастирот и за сите се обезбедени ќебиња. Искуството на многу верници покажува дека спиењето под отворено небо на Острог е навистина посебно.
Исто така, постои верување дека не треба да велите дека ќе го посетите манастирот, а потоа да не одите, туку да се оди во светилиштето ненадејно и без голем план, односно како што се верува – „кога ќе те повика Свети Василиј“.
Луѓето често прашуваат „кој не смее да влезе во манастирот Острог“, но доколку ги почитувате правилата на однесување на манастирот и пристапите со чисто срце, сите се добредојдени. Доколку имате дополнителни дилеми и духовни прашања за патувањето во манастирот, разговарајте со вашиот свештеник кој ќе ви ги даде потребните одговори.
Познато е дека во Острошкиот манастир се случуваат чуда и исцеленија според сведоштвата на верниците, а монасите ги запишуваат и чуваат овие искуства.