Цитостатик на шприц додека не се донесе одлука дали да се користи набавениот КАТО систем или да се купи нов

|

КАТО системот за контрола на терапиите на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија не е фрлен, ниту е во подрум, туку е во првичната просторија во склоп на клиничка аптека и таа соба е заклучена, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити на вчерашната прес конференција. Системот вреден повеќе од 350 илјади евра е купен во 2016 година, но смената на раководството и со назначување на новиот директор на Клиниката, д-р Нино Васев одлучил Клиниката да се врати на стариот начин на работа, односно рачно дозирање на терапијата за болните.

„Веќе неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност, се прават финасиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапијата. Веќе имаме остварено неколку состаноци и со новиот ребаланс на буџетот предвидуваме обезбедување на систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина“, кажа Меџити.

Македонија во 2016-та година го набавила системот КАТО со кој требало да се обезбеди прецизно дозирање и безбедно чување на цитостатиците. Тоа значи дека веќе не може рачно да се дозира, со цел да се спречи губење на дозите, пишува Слбоден печат.

Со КАТО било невозможно да се украде цитостатик или да се намали нечија доза, ни поради кражба ни поради грешка. Иако во Белград обука поминале 20 медицински сестри, сепак голем дел од медицинскиот персонал не го прифаќал на почетокот, се жалеле дека не можеле да се поврзат со системот Мој Термин и во клиниката имало чести расправии. Кога по шест месеци се сменило раководството, директорот Васев го размонтирал системот и најавил дека ќе го користат стариот начин на работа, за да заштеделе на ќеси. Така клиниката се вратила на примитивната рачна подготовка на цитостатиците, односно сестрата мери со шприц, а дополнително со ваквиот застарен начин се пријавени и токсични труења на медицинскиот персонал.

Ако овој систем купен со државни пари продолжел да функционира, не би имало шанса да се манипулира со дозите и терапиите, затоа што секој цитостатик ќе бил мерен на вага, искористен до максимум и би останувал во фрижидер стабилен за употреба дури до 28 дена, објаснува изворот од Клиниката за Слободен печат. Клиниката за онкологија во Македонија е единствената болница во светот која што го има купено КАТО системот и не го користи.