Нов закон за амнестија, нема намалување на казните за „27 април“ Македонија

|

Минстерството за правда го поднело новиот предлог Закон за амнестија до Владата, кој сега треба да го стави на разгледување на владина седница. Во законот, кој го објави министерството, не е предвидено и намалување на казната за осудените за настаните на 27 април во 2017 година во Собранието, иако во јавноста се шпекулираше дека нивната амнестија ќе биде дел од пазарењето меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за усвојување на уставните измени.

Амнестијата, како што предвидува предлог законот, не се однесува на лицата кои се осудени за кривични дела против државата, во кои спаѓа и делото терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое беа осудени инволвираните во настаните на 27 април.

Коментирајќи го законското решение премиерот Димитар Ковачевски не беше сто проценти сигурен дали амнестија ќе има и осудените за 27 април.

„Мислам дека не, меѓутоа ќе ви одговориме за тоа. Не се вика случајот 27 април, туку има конкретно дело за што е обвиненето“, рече премиерот.

Законот кој ќе се носи по скратена постапка има за цел ресоцијализација и намалување на бројот на затвореници. Од издржување на казна се предвидува да бидат ослободени осудените на затворски казни до шест месеци, а останатите ќе добијат намалување на казната од 30 отсто.

Министерот за правда Кренер Лога изјави дека нема информација оти се преговара за нова амнестија за 27 април.

„Такво нешто воопшто не е на маса за преговори. Но и доколку СДСМ, ДУИ и ВМРО ДПМНЕ договорат и се обидат да донесат, Алијанса за Албанците жестоко ќе се спротистави и ќе го блокира со 1 милион амандмани“, изјави вчера Лога за Тв 24.

Но, Лога беше против контроверзните измени на Кривичниот законик, но тие сепак беа протуркани и со нив од затворски казни ќе куртулат политичари, градоначалници. Меѓу нив и поранешниот премиер Никола Груевски и други обвинети или осудени од случаите на поранешното СЈО.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека немале ниту точка, ниту запирка додадена вредност во законот, кој за него е амнестија на криминалци за кои одредени политички партии дале ветување дека ќе бидат целосно или делумно ослободени.

„За жал тие политички партии или дел до тие политички партии денеска се од Владата. И можете да видите дека таквиот закон не одговара, ама буквално, ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните. Во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој закон за амнестија, туку и истиот преку демократски алатки ќе го блокира“, рече Мицкоски.

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на годинава до Собранието поднесе предлог закон за амнестија на лицата осудени за 27 април. Но, нивниот предлог не беше прифатен. Тогаш во јавноста се отвори сомнеж дека предлогот на опозициската партија е пазар со власта за усвојувањето на уставните измени и можно повторување на настаните пред гласањето за Преспанскиот договор, кога случи првата амнестија на осудени за крвавиот четврток, меѓу кои, петмина пратеници.

Ковачевски и Лога, како и народниот правобранител Насер Зибери во едно се согласни дека прекубројноста во затворите е проблем. Тоа, според Зибери, го потврдува и состојбата во „Идризово“, која е крајно загрижувачка.

Годинава амнестирани беа лицата кои не ги плаќаа казните за време на ковид пандемијата. Амнестија за сторители на одредени кривични дела имаше и во 2018 година, а на тогашниот закон му претходеше голема јавна дебата.

Марија Митевска