Денеска (19.09.2023) во 09.30 часот во Полициската станица Центар, Р.В.(49) од Скопје пријавил дека на 18.09.2023 околу 10.20 часот во Клиниката за кардиохирургија при комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што бил вработен, бил физички нападнат од негов колега С.Ј..
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Снимките од камерите на кардиохирургија треба да ја расчистат дилемата кој кого нападнал и тепал вчера на Клиниката, бидејќи и поранешниот и актуелниот директор во полиција рекле дека се жртви на насилство. Професорот Сашко Јовев пријавил вербален, а доктор Марјан Шокаровски физички напад. Во целиот случај инволвирана е и медицинска сестра која како што стои во полицискиот билтен била вербално нападната од екс директорот Јовев. Тој во изјава за Сител вели дека не било точно дека го нападнал колегата, настанот бил исцениран, а целта најверојатно била да си замине од Клиниката. Шокаровски пак не сакаше да го коментира инцидентот во интерес на истрагата, а со цел задржување на дигнитетот на вработените и пациентите во установата.
Лекарската комора ќе почека да заврши истрагата за случајот во кој се инволвирани двајца доктори па тогаш ќе се изјаснат.
– Лекарската комора истакнува дека обврска на секој лекар е да се однесува професионално и достоинствено во комуникацијата со своите колеги и другите здравствени работници, а сите разидувања на мислења да се решаваат во соодветни постапки во работната организација. Секое поинакво однесување е на штета на личниот углед на лекарите, угледот на лекарската професија и на здравствената организација.
Вчерашниот инцидент е кулминација на скандалите на државната кардиохирургија кои почнаа на почетокот на јуни, откако министерот за здравство го разреши од директорското место професорот Јовев, тој одбиваше да го прифати ова, а во негова подршка застанаа и вработени и пациенти на клиниката.