Поскапа „луксузна храна“, поевтини менструални производи со усвоената даночна реформа

|

Владејачкото мнозинство, по неколку месеци дебата и противење на опозицијата и стопанските комори, денеска успеа да го изгласа солидарниот данок. Фирмите што имаат промет поголем од 10 милиони евра, а кои годинава оствариле 20 отсто поголем приход од претходните три години ќе плаќаат плус данок на државата. Парите, според објаснувањето на власта ќе треба да ги санираат загубите од енергетската криза и зголемената инфлација.

Власта донесе и дел од даночните реформи, па така само основните прехранбени продукти остануваат со повластена даночна стапка од 5 отсто, за сета останата храна од сега ДДВ ќе биде 10 отсто. Намалување на данокот од 18 на 5 отсто пак, ќе има кај менструалните производи. Се ревидираат и даночните ослобододувања, а промени има и кај данокот на добивка.

Но, пред да го сработат ова народните избраници на власта тешко дојдоа до кворум за работа. Денешната нова седница започна дури со час и половина задоцнување. И додека опозицијата како што го тера овој мандат чекаше пред вратите на салата, собранискиот спикер и координаторот на СДСМ пребројуваа пратеници. Нетипично за нив редовни на работа, заради кворумот, се и лидерите на ДУИ Ахмети и на ДПА Тачи. Иако дојде на работа и влезе во собраниската сала Морачанин од ДОМ која е во владината коалиција сепак, не остана да го обезбеди кворумот на власта. Морачанин, веќе најави дека партиските тела на ДОМ ќе го преиспитаат учеството во Владата.

Албанската опозиција, пак, беше незадоволна од тоа што на дневен ред на новата седница ја нема поднесената интерпелација за обвинителот Јовески.

Утре пак, пред пратениците е формирањето на Анкетаната комсија за утврдување на политичката одговорност во случајот со Онкологија.