И Груевски и Заев го демантираат Ахмети по информациите дека на тајни средби договарале измени на кривичниот законик.
Не е вистина информацијата на Ахмети, никогаш не сум имал тајни средби со Груевски, вели Заев во изјава за 24.
И Груевски демантираше на социјалните мрежи. Вели за намалување на казните на функционерите никогаш немал тајни средби со Ахмети. Демантираше дека неговата слобода е поставена како услов за уставни измени и рече дека и по измените на кривичниот законик против него остануваат активни многу процеси кои гарантираат долг кривичен прогон.
Сите оние кои говорат за некакви мои контакти, комуникација, средби, или влијание на одлуките на ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и истите такви лаги дека во изминатиот период сум имал наводни средби со преставници на власта, за преговори за едно или за друго прашање. – напиша поранешниот премиер на Фејсбук додавајќи дека нема никакви контакти со актуелното раководство на опозицијата.
Каква врска има Груевски со измените во кривичниот законик праша Ахмети во последното интервју за 360 обвинувајќи ги СДСМ дека креирале лоша слика за екс премиерот пред Албанците.
Позициите на Ахмети дополнително ја загреаја атмосферата во албанската опозиција. Откако Гаши веќе го праша Пендаровски дали Ахмети договарал со Груевски, денеска ново прашање, од Меџити но за Бујар Османи
Дали беше на службена или приватна посета во Будимпешта кога се сретна со Никола Груевски? – праша поранешниот потпретседател на ДУИ.
Османи демантираше.
Еднаш рекоа дека со него се сретнал Али Ахмети, па потоа рекоа, не, со него се сретна Артан Груби, а сега јас сум се сретнал со него. Можеби со четвртиот ќе погодите, напиша Османи на социјалните мрежи
Дека измените во кривичниот законик се направија за амнестија на Груевски, смета и лидерот на БЕСА, Касами.
Во ВМРО-ДПМНЕ денеска нема коментар на оваа тема но вчера, партискиот потпретседател рече дека неговата партија немала никакви преговори со СДСМ и ДУИ ниту пак од Пендаровски барала аменстија за Груевски.