Косово е преплавено со лажни монети евра, речиси не се разликуваат

|

Келнерите во едно кафуле во Приштина се откажале да проверуваат дали монетите од две евра се вистински или не, бидејќи ужасно голем дел од нив се фалсификувани, а поради квалитетот на некои речиси е невозможно да се открие дали се лажни или не.

„На почетокот сите ги гледаа и ги проверуваа монетите од две евра“, вели келнерот Ендрит. Тој и неговите колеги ги ставале паричките под светло или ги пуштале на маса и проверувале како звучат. „Сега веќе не го правиме тоа… можеби добиваме вистински пари, а можеби и лажни пари. Сѐ е исто“.

Количината на монети од две евра во оптек годинава е драстично зголемена, велат владините агенции. Косово и соседна Црна Гора не се дел од еврозоната, но сепак го користат еврото. Во лабораторијата во Приштина експерти проверувале повеќе од 30.000 лажни евро монети во првата половина од годината, наспроти 4.451 во истиот период лани.

„Квалитетот оди од многу лош до многу добар“, вели Вјолца Мавричи, работник во лабораторијата. „Претходно монетите не беа магнетни како сега, пред да имаа проблеми со грамажата, но сега целосно одговараат на вистинските“, додаде таа. Полицијата соопштила дека минатата година пријавиле 804 случаи на фалсификат кај обвинителите, а годинава имало 486 случаи досега.

Во април уапсиле маж и жена кои од Македонија донеле 10.600 фалсификувани монети од две евра во Косово. Бројни Албанци на социјалните мрежи објавуваат видеа на кои нудат лажни монети за 10 до 20 отсто од вредноста на вистинските евра, објави Топ Ченел .