Во врска со оспорената пратка на пиперки во Хрватска, која вчера беше потврдена и од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, се огласи и познатиот лекар Нико Беќаровски кој во негова објава на социјалните мрежи ќе напише: Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви на граѓани, кои поради високите цени овој производ се повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат.
„Вратените „отровни” пиперки – Formetanate hydrochloride, попознат како Carѕol 50, Dicarsol 10 итн е инсектицид од групата на карбамати кој се уште регуларно се користи во голем број на држави и кој при акутни труења (намерно пиење, или акцидентно при прскање) предизвикува иреверзибилна инхибиција на еритроцитната холинестераза.
Во текот на овие 33 години клиничка пракса сум имал стотици вакви суицидни труења и со исклучок на неколку екстремно тешки случаи сите други успешно заминувале од Клиниката за 3-5 дена. Напоменувам дека сите тие труења биле со концентриран препарат, а не со откриени траги во прехрамбен производ“, пишува Беќаровски.
Појаснува дека конзумирањето на пиперките кои се вратени од Хрватска, поради траги од присуство на овој карбамат е исто толку штетно колку и јадењето на било кој друга пиперка, прскана со било кој друг пестицид.
Секако дека долгогодишно конзумирање на производи третирани со ист пестицид, па и со овој, може да дадат последици по здравјето, но и кај земјоделците кои користат пестициди постои “мода” па обично секои неколку години се користи нов пестицид.
Одлуката на Хрватска е во согласност со регулативата на ЕУ, која пред сѐ служи за заштита на економските интереси на ЕУ и нивното производство со нивни пестициди.
Да бев премиер на МК вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви на граѓани, кои поради високите цени овој производ се повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат.
ТВРДАМ ДЕКА НИТУ ЕДЕН НЕМА ДА ИМА АКУТНИ ИЛИ ХРОНИЧНИ ЗДРАВСТВЕНИ КОМПЛИКАЦИИ ОД ЕДНОКРАТНА УПОТРЕБА НА ОВИЕ ПИПЕРКИ.
ВСУШНОСТ МНОГУ Е ВЕРОЈАТНО ДЕКА ПИПЕРКИТЕ КОИ СЕ ПРОДАВААТ НИЗ НАШИТЕ ПАЗАРИ СЕ СО МНОГУ ПОГОЛЕМА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА РАЗНИ ПЕСТИЦИДИ.