Поднесени обвиненија за медицинската сестра која крадела ампули од Онкологија – не се јавува на распит и може да ѝ се суди во отсуство

|

Крадела ампули, ги ставала во автомобил и ги носела да ги предаде на друго лице. Јавното обвинителство има докази за тоа и поднесе две обвиненија за кривични дела, за Проневера во службата по член 354 од Кривичниот законик. Медицинската сестра од Онкологија која двапати беше фатена во кражба на терапија сепак не е достапна за органите на прогонот. Не се јавила да даде исказ пред надлежниот јавниот обвинител. Според информациите на Телма, за нејзе не е распишана потерница. Може да ѝ се суди и во отсуство за кривични дела за кои може да добие најмногу до пет години затворска казна, а потоа да биде барана за издржување на казната.

ВО ТЕКОТ НА ПРЕТХОДНАТА ПОСТАПКА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОБЕЗБЕДИ ДОКАЗИ ДЕКА ОБВИНЕТАТА, СО НАМЕРА ДА ПРИБАВИ ПРОТИВПРАВНА ИМОТНА КОРИСТ ЗА СЕБЕ, ПРИСВОИЛА ПОГОЛЕМ БРОЈ АМПУЛИ СО РАЗЛИЧНА НАМЕНА ВО ВКУПНА ВРЕДНОСТ ОД 59.760 ДЕНАРИ КОИ Ѝ БИЛЕ ДОВЕРЕНИ ВО СЛУЖБАТА, СООПШТИЈА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО.

Сестрата првпат е фатена и пријавена пред три години, по што била суспендирана, па вратена на работа. Потоа, таа го повторила делото. Овој предмет е различен и не е поврзан со предметот за кој сѐ уште се води предистрага, за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија. Сѐ уште се вештачат доказите. Се испитува дали имунолошката терапија за онколошките пациенти е украдена и препродавана на црно и се вршат распити на сите оние кои може да имаат некакви информации поврзани со случајот. Во меѓувреме, јавноста чека одговори и досега трипати беше организиран протест пред Влада и пред ОЈО, за да се изврши притисок врз институциите да бидат поекспедитивни и случајот брзо да добие разрешница.