Алкохол им се точел на малолетници, пронајдена марихуана во угостителски објекти

|

Утрово во периодот од 00:00 до 04:00 при спроведена акциска контрола на МВР за присуство на малолетници во угостителски објекти на територија на цела држава по 24:00 часот, за точење на алкохол на малолетници и за откривање на злоупотреба на престој на странци, биле контролирани 280 угостителски објекти и извршени прегледи на 176 лица и возила.

Како што информираат од Министерството внатрешни работи, во акциската контрола биле вклучени и тимови на Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат, кои извршиле контрола во 14 обложувалници и казина и две приватни обезбедувања.

-Од слобода било лишено едно лице на подрачје на СВР Велес затоа што кај него била пронајдена марихуана, а шест малолетници (по тројца на подрачјата на СВР Скопје и СВР Битола) биле затекнати во угостителски објекти по 24.00 часот и по приведувањето биле предадени на родителите. Исто така, при контролата биле откриени две кривични дела „точење алкохолни пијалоци на малолетници“ по член 204 од Кривичниот законик. Биле констатирани и повеќе прекршоци по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, Законот за возила, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и едно непочитување на работното време, посочуваат од Министерството.

Од МВР соопштуваат дека за сите констатирани прекршоци, против правните лица и одговорните лица во објектите ќе бидат поднесени соодветни пријави