Косовската влада објави видео снимка од дрон на која според нивните наводи се гледа движењето на вооружената група која изврши напад во близина на српскиот православен манастир во Косово во неделата.
Околу 30 маскирани лица во борбени униформи побегнале во манастирот откако отвориле оган врз полициска патрола во близина на селото Бањска, при што беше убиен еден косовски офицер, а ранет уште еден припадник на косовската полиција.
Во престрелките со косовските полициски припадници загинаа тројца припадници на вооружената група. Се уште е нејасно кои се вооружените напаѓачи или кој ги поддржува.
Полицијата на Косово ги заплени возила што ги користеле и во нив пронашла голем арсенал на огнено оружје од различен калибар, експлозиви, муниција и логистика, со кои според проценките на косовскиот министер за внатрешни работи Џељај Свечља би можело да се опремат стотици лица.