Тинејџерската бременост во земјава е за три пати повисока од просекот – најмладото девојче имало 13 години кое абортирало на ГАК

|

Според последните податоци во земјава најмладото девојче кое што абортирало има 13 години, најмладата родилка пак има исто 13 години. Само 12,8% од младите парови до 29 годишна возраст користат модерно контрацептивно средство. Стапката на непланирана тинејџерска бременост во земјава е речиси трипати повисока за разлика од земјите во Европа. Буџетот за бесплатна модерна контрацепција за девојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголеми од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илјади денари, годинава бесплатна контрацепција добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК). И покрај ова ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на позитивната листа на лекови.

Истражувањата велат дека дури 36% од момчињата и 3% од девојчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство. Дополнително Заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20% од девојчињата и 62% од момчињата меѓу албанското население и кај 64% од момчињата и 52% од девојчињата меѓу македонското население. Што значи сите останати односи се ризични односно незаштитени, вели Весна Матевска, програмска раководителка на ХЕРА
Во споредба со минатата година има благо намалување на бројот на малолетничка бременост и прекин на истата, но се уште како земја сме над просекот во однос на тоа каква е тинејџерската бременост на младите до 19 годишна возраст.

Јас тоа пласично го објаснувам имате една вага, на една страна ви се контрацептивите, на другата страна ви е прекинот на бременоста, колку повеќе земјата употребува контрацептиви, колку повеќе знаат младите и возрасните да се заштитат од непланираната бременост, толку автоматски ќе опаѓа бројката на абортуси, изјави проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО
Државата треба во најкус можен рок да ги регистрира лековите за медикаментозен абортус и секоја година да го зголемува буџетот за нивна набавка преку Програмата за мајки и деца за да може ваквата здравствена услуга да ја користат и жените надвор од Скопје, реагираат од ХЕРА. Според професор Тофоски во исто време треба да се подигне свеста за важноста на сексуалното образование за да не сведочиме на поразителни податоци за тинејџерската бременост и прекин на истата.