Учебниците за шесто кои се готови ќе бидат доставени во училиштата следната недела. Македонски и албански јазик, природни науки се одобрени велат од МОН, за учебникот математика се чека да заврши жалбената постапка.
„Информираме дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои пак, се во сопственост на издавачки куќи.
Важно е да се истакне дека по 15тина години, за прв пат се обезбедени нови учебници по 150 предмети во средното стручно образование, но и во гимназиското. И тие исто така, етапно се печатат и испорачуваат до училиштата.“
Министерот иако најави дека денеска ќе даде детален план кога и како ќе бидат поделени учебниците, тоа денеска не се случи. Неколку пати до сега го менуваше датумот, за сега преку соопштение да најават дека одобрените учениците ќе бидат доставени во текот на прваата недела од октомври. И покрај сите реакции, уште ќе има ученици кои ќе следат настава без книги.
Од МОН велат само во 2023, обезбеден е тираж од 1.374,324 учебници а над 98 отсто веќе биле поделени во училиштата. Според министерството, тоа е далеку поголем тираж од претходните 5 години. Целиот процес велат бил комплексен и со поделени надлежности, па според тоа за изработка на квалитетен учебник не зависат роковите само од министерството.