На дел од листата осуденици до која дојдовме, а кои ќе бидат амнестирани ако се донесе законот, се и наводно роднини или блиски на функционери од Алијансата за Албанците, но и Горан Смилевски, осуден за грабеж на банка, Сеат Кочан – осуден за предметот „Трансмет“, како и Карлито Бриганде (Вулнет Маќелара) – борец во ИСИС. Двајца осуденици за „Монструм“ ќе бидат на слобода ако Собранието го донесе законот за амнестија предложен од министерот за правда Кренар Лога.
Ова произлегува од списокот до кој дојде „Слободен печат“ во кој се наоѓаат и Хаки Азири и Фејзи Азири кои се осудени на девет, односно на 15 години затвор за кривичното дело – помагање на сторител по извршено кривично дело. Тие со сигурност ќе бидат опфатени со законот за амнестија ако пратениците го изгласаат, тврди за „Слободен печат“ Насер Рауфи, адвокатот на Фејзи Азири.
Од Министерството за правда велат дека тие немаат список кои од осудените ќе бидат ослободени, односно кои и колкумина сторители на лесни кривични дела ќе бидат ослободени или ќе им се намалат казните за 30 отсто.
Законот за амнестија, по усогласувањето со секторот законодавство, доби зелено зветло од Владата и се очекува деновиве по скратена постапка да влезе во собраниска процедура.