Бектеши: Царината за увоз на дел од овошјето и зеленчукот се намалува на 10 отсто

|

Владата на денешната седница донела одлука да се намалат царинските давачки за увоз на дел од овошјето и зеленчукот во земјава на 10 отсто, информираше претпладнево министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за емисијата „10 минути“ на Телевизија 24.

Станува збор за намалени царини за доматот, краставиците, благите и лутите пиперки, кромидот, празот, карфиолот, брокулата, главчестата салата, другата салата, морковите, модриот патлиџан и тиквичките. Оваа одлука стапува на сила од денот кога ќе бидат објавени во Службен весник и ќе траат до 28 февруари 2024 година.

„Владата на седницата која се одржа утринава донесе неколку Одлуки со кои се намалуваат царинските давачки од 65%, 55% и 45% на 10% за повеќето производи кои спаѓаат во категоријата овошје и зеленчук, освен домати, краставици и пиперки, имајќи во предвид дека ќе им се даде дополнителен рок на нашите производители на овие производи до 1-ви декември за да го снабдуваат и македонскиот пазар“, изјави Бектеши.

Како што информираше министерот, според анализите на Министерството за економија има зголемен извоз на земјоделски производи од нашата земја што се надополнува од увоз од соседните земји, што на крај влијае негативно кај домашните потрошувачи преку повисоки цени.

„Заради тоа што сме обврзани за тој недостаток да го покриваме преку увоз. Во моментот кога се прави увоз во овој период, за овие производи има царинска давачка од 65%. На пример ако ако еден земјоделски производ чини 100 денари при увоз, увозна цена, директно станува 165 денари, без никакви маржи да имаат трговците на мало или трговците на големо. Зошто е тоа направено, заради што имаме систематски пропусти и во таа насока треба и Министерството за земјодство, секако во соработка со нас и со Министерство за финансии да ги усогласиме овие давачки, бидејќи крајната цел е граѓаните да плаќаат пониски цени. А, ние тоа можеме да го направиме, во регионот сме конкурентни и секако дека во таа насока и работиме“, изјави Бектеши.

Министерот Бектеши информираше дека донесена е и Одлука да се зголемат дозволените квоти за увоз на јужно овошје во Македонија со што очекува да се намалат цените на овие продукти во текот на годината.

„Зголемени се квотите за лимони, портокали, мандарини. Наместо 8.000 тони за јужно овошје, се зголемува за 2.000 тони до крајот на годината и зимоска ќе имаме пониски цени“, рече Бектеши во телевизиското гостување на Телевизија 24.

Исто така, според Одлуката на Владата за дополнителни 2.000 тони од сегашните 8.000 тони се зголемени безцаринските квоти за агруми: свежи или сушени, портокали, мандарини, клементини,грејпфрут, лимони и лимета. Оваа одлука стапува на сила од денот кога ќе биде објавена во Службен весник до 31 декември 2023 година.

Бектеши потенцираше дека со цел да се почитуваат одлуките на Владата инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се постојано на терен и дека изминатите неколку дена се затворени повеќе маркети во Куманово, Тетово, Гостивар и Струга кои не ги почитувале одлуките на Владата и не ги намалиле цените.

„Во делот на намалување на цените, согласно дописот на Министерството за економија целосно да се почитува и Законот за заштита на потрошувачите. Таму се предвидени одредени работи во делот на неможност на трговците да ги стават во заблуда потрошувачите, да направат измама кон потрошувачите и да наведат ознака гарантирана цена, а при контрола таа цена да не биде намалена, согласно цените кои биле од 1-ви август, минус 10% од тие цени. Според Законот, глобите се затварање на објектот од 3 до 30 дена максимум, плус парична казна, согласно проценката на инспекторите, тие ќе одлучат колку е обемот на измамата“, кажа министерот Бектеши.