Ерџан Сулкоски-толку споменувано име последните месеци а едвај понекоја фотографија покажува како изгледа кичевчанецот кој е поврзан со најбрзо растечката компанија во последните две години кога станува збор за профит.
РКМ каде Ерџан е мнозински сопственик, а некогашниот газда Ратко Капушевски е со помал удел. Откако Сулкоски влезе во фирмата на Капушевски само за една година имаше добивка од 6,5 милиони евра благодарение на продажбата на мазут на државата-РКМ ги доби тендерите од ЕСМ.
Ерџан Сулковски е формула за брз профит-така беше и со фирмата на зетот на Куштрим кој лани со Сулкоски направил содружништво во градежната компанија КСА Интернационал направија обрт од 12 милиони евра и заработија 2,5 милиони евра.
Бегство од партнерство по објавата на КОД
Сето ова КОД го објави пред два месеци –но по обелоденувањето на бизнис врските на семејството Ахмети со Сулковски кои одат и до човекот кој го продава мазутот на државните фирми Сулкоски на 14-ти август излегува од партнерството со зетот на Ахмети.
Иако имале профит од 2,5 милиони евра тој за багателна сума го продава својот удел на Смајлај. Сега Смајлај не е сам во КСА Интернационал туку партнер му е извесен Александар АЉ-Асади кој може само да се најде во списокот од Заводот за статистика дека е од Центар, но и во Службен весник од 22 Јуни 2000 година дека е во содружништво во Фирмата САША и САША Александар и САША Дооел Скопје која сега е деловно неактивна основана во 1994. Ерџан Сулкоски си остана во РКМ со Капушевски но, и во Пацифик Петролеум со Армин Машовиќ.
Кога го прашавме пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски дали го познава Сулкоски тој одговори негативно. ,,Веќе десет години не е моја фирмата Пуцко петрол туку на син ми,, вели основачот на Пуцко Петрол и тврди дека не го познава кичевчанецот Сулкоски.
Сите му биле партнери, сите негираат дека го познаваат
Откако не добивме официјален одговор од компанијата Пуцко Петрол на прашањето дали некогаш Сулкоски работел кај нив се обративме и до Асмир Јахоски сегашен сопственик на Пуцко Петрол.
Тој ни кажа дека Сулкоски можеби 17 години не е во фирмата и дека заедно со некои содружници си основал друга фирма откако излегол од кај нив. Но, во потрага по вистината КОД провери каде се биол вработен Ерџан Сулкоски.
На 11-ти Април 2007-ма се вработува во Друштвото за производство и трговија и услуги Пуцко Петрол Увоз Извоз од село Пласница каде работи се до Април 2019-та. Пацифик Петролеум ја отвара додека е во Пуцко петрол на 05. 12. 2018-ма за товарен и патен транспорт.
Во 2022-ра влегува во РКМ со Капушевски и ги земаат тендерите на ЕСМ за мазут-кој со камиони цистерни главно од солунското пристаниште, а во Јануари истата година во КСА Интернационал влегува како партнер на зетот на Ахмети, Куштрим Смајлај.
Во интервју за 360 степени, лидерот на ДУИ на прашање за партнерот на зетот Смајлај, рече дека не го знае ниту познава.
Германски државјанин, газда од Зајас
Лидерот на ДУИ не го познава Ерџан Сулкоски-така барем тврдеше на интервјуто. А Сулкоски е недалеку од родното место на Ахмети. Тој е со адреса во Кичево. Според избирачкиот список тој живее на улицата Мемедалија Велиоски без број.
Како зетот на Ахмети се нашол во вакво бизнис друштво, не знаеше ниту самиот лидер на ДУИ, а колку и да звучи неверојатно, Али Ахмети тоа го тврдеше и јавно, во интервју. Според Ахмети, зетот стигнал во Македонија, се омажил со неговата ќерка и воопшто не го прашал влијателниот дедо, со кого да влезе во бизнис како партнер. Но, дали нишката која води кон Зајас ќе биде дел од истрагата на јавното обвинителство.
Иако при отварањето на фирмата К:С.А. зетот на Али Ахмети пријавил дека има привремено живеалиште во село Зајас кај таткото на неговата сопруга, тој вусшност живее во комплексот кај Лептокарија каде што е и регистрирана неговата фирма.
Живее во дуплекс од 233 квадратни метри кој се уште се води во сопственост на Пуцко Петрол. Има фирма заедно со поранешен вработен во Пуцко Петрол, а живее во зграда на Пуцко Петрол каде според сознанијата на КОД, сите сметки за струја и комуналии се заведени не на име на станарите туку на име на управителот на зградата кој е ангажиран исто така од Пуцко Петрол.
Дедото со празен имотен лист за фирмата на зетот
Дополнително, фирмата на Смајлај регистрирана во Скопје која бележи одличен профит и огромен промет за скоро формирана фирма. Но, регистрирана е преку адреса во Зајас, селото, живеалиште на лидерот на ДУИ. Во имотниот лист на Ахмети ја има куќата од 254 квадратни метри со вредност од 100 илјади евра.
Анкетниот лист на лидерот на ДУИ и пратеникот Ахмети има вкупно 4 ставки, покрај куќата, сметка со 758 илјади денари, земјиште во Албанија вредно 30 илјади евра и автомобилот Фолксваген поло на сопругата од 2010-тат година. Нема ниту една ставка за фирмите на наредната генерација Ахмети иако тие биле пријавени како жители на Зајас со негова привремена адреса.
Во законот за спречување на корупцијата стои дека „Под поимот „семејство“ во смисла на овој закон се подразбира брачниот другар, вонбрачниот другар, децата, родителите, браќата и сестрите и други роднини со кои лицето од ставот (1) на овој член живее во заедничко домаќинство.“
Имотот на семејството мора да се пријави доколку живеат во заедничко домаќинство. Сега треба да се види толкувањето и фактичката состојба, дали Ахмети има иста адреса со зетот и дали требало да ја пријави фирмата на својот зет.
Затоа што во членот 85 од истиот антикорупциски закон стои дека функционерот во случајот Ахмети како избрано лице „е должно во рок од 30 дена да го пријави секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство, во вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период, како и промена на интереси (во натамошниот текст: пријавувањето промени во имотната состојба и интереси).“
Ќе треба да проработат и калкулаторите за да се види дали дваесет просечни плати се поголеми од влогот на К.С.А. формирана лани во јануари за 5 илјади евра.
Правна профит празнина
За профитот (во конкретниот случај над 2 милиони евра од кои половина на зетот на Ахмети), во Законот за спречување на корупција не е наведено дали и како треба да се пријавуваат во анкетниот лист за имотна состојба на функционерот.
Зетот на Ахмети, според кажувањето на самиот лидер на ДУИ е германски државјанин кој се уште не добил иако барал и македонско државјанство. Германија е една од државите во ЕУ која има строги правила за двојно државјанство и многу ретко го признава со само неколку исклучоци.
Најлесен начин за прескокнување на оваа правна пречка пропишана од властите во Берлин е откажување од германското државјанство со што би биле избегнати дополнителни проблеми. Може и скришно да се извади македонско државјанство без да се знае во Германија, но проблемот е што самиот Ахмети во јавноста го изнесе барањето за македонско државјанство на својот зет.
Снежана Лупевска Созен
Прилогот е емитуван во емисијата КОД на 01.10.2023.