Или покачување на платите од 78% или колапс во судството, администрацијата ќе блокира улици

|

Или работната група во рок од 10 дена да ги прифати барањата за покачување на платите од 78% или колапс во судството, најавија од УПОЗ. Револтирани од ниските примања велат работиме само за сметки,а од синдикатот на јавните обвинителства продолжуваат со штрајкот се до исполнување на нивните барања.

„Ќе ги држиме до она што е наведено во информацијата на Влада. Како што кажав очекуваме од страна на министрите да имаме плодни разговори и плодни преговори и во најбрз можен рок да најдеме начин и решавање на нашите барања. Доколку не најдеме како што кажав прекинуваме со работата, ќе блокираме и други институции, штрајкот ќе станува од ден на ден се поригорозен, а имаме најави и дека на овој штрајк ќе се приклучуваат и други државни органи“, изјави Трпе Деаноски од УПОЗ.

„Се надеваме дека нема да дојде до проригорозни мерки бидејќи и сега има веќе за пет дена огромен куп на предмети кои се наталожија, значи сепак без нас не се може. Ако ние работиме еден за тројца, да знаат дека повеќе тоа нема да го правиме поготово не за вакви бедни плати“, изјави Изабела Илиева претседател на синдикална организација при јавни обвинителства при УПОЗ.

И од синдикатот на судска администрација се заканија дека од понеделник ќе ги блокираат улиците, и тие бараат покачување на платите за 75% и враќање на додатоците за 35%.

„Им оставаме за овие седум дена да ни се обратат, односно мислам од 16ти веќе треба да седнеме да преговараме, односно да одлучуваме за нашите проблеми. Грото во овие синдикати се вработени во судската служба, сите се вработени во судската служба низ цела Македонија и мислам дека легитимно е ние да бидеме учесници во тие преговори освен од другиот синдикат. Додека нашите барања не се усвојат ние ќе прогласиме генерален штрајк, односно цело правосудство ќе биде блокирано“, изјави Јасмина Величкова, претседателка на Независниот синдикат на судската администрација.

Инаку вчера на седница на влада се формираше работна група за преговори за решавање на проблемите на вработените од обвинителствата,правосудството и органите на државната управа . Групата e составена од министерот за финансии, информатичко општество и администрација, министерот за правда, како и заменик претседателот на влада за економски прашања и претставници на синдикатот при УПОЗ, а се со цел изнаоѓање решение во врска со барањата на синдикатот, односно за покачување на платите.