Отворена истрага за негувателка од Велес која на децата им давала да пушат електронска цигара

|

Основното јавно обвинителство Велес денеска оформи предмет за негувателка од градинката „Димче Мирчев“. Се проверуваат информации за тоа дали таа им давала да пушат електронска цигара на дечињата од нејзината група.

Во насока на испитување на евентуални основи на сомнение за кривично дело на запуштање и малтретирање дете, надлежен јавен обвинител издаде наредби и насоки до МВР за преземање на дејствија кои вклучуваат да се извршат разговори со лица (вработени и родители) кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот. Се преземаат и други дејствија, а предметот е во фаза на предистрага, соопшти Основно јавно обвинителство Велес.

Случајот беше обелоденет во медиумите на почетокот на оваа недела, кога децата се пожалиле на болка во градите и им раскажале на родителите што се случувало. Тогаш, директорката ја потврди информацијата велејќи дека негувaтелката е суспендирана, дека е поведена дисциплинска постапка и дека за настанот има изјави од родители. Денес, откако советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од Велес побара одговорност и од негувателката и од директорката, директорката во ново соопштение ги отфрли обвинувањата.

Случката од 29 септември не се повторила, значи не се случила ни еднаш претходно ниту по овој датум. Тоа што за неа се прозва воспитувачка се дезинформации затоа што станува збор за негувателка. Исто така, тоа што сум прозвана за прикривање на случката не е точно. Јас како директорка заедно со вработените и стручната служба не ја оправдуваме и не се обидовме да ја сокриеме од јавноста, соопшти Маја Велиновска, директорка на градинката „Димче Мирчев“.

Директорката кажа дека досега градинката работела коректно и во овој случај по пријава од родителите таа постапила според сите закони и прописи.

Тамара Марковска