Поведена постапка против полицаецот кој преку ФБ дава поддршка за Хамас

|

Министерството за внатрешни работи известува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува по случајот со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук во врска со нападите на Хамас врз Израел.

-Против него ќе биде поведена дисциплинска постапка односно ќе следуваат соодветни санкции. Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир, се вели во соопштението на МВР.

Претходно, екс министерот за внатрешни работи Наќе Чулев објави дека станува збор за Аднан Синани, началник во Одделот обезбедување во Министерството за внатрешни работи и лице кое работи како лично обезбедување на Заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши.