Лекови на реверс, терапии купени со кеш од благајна, условен буџет. Сѐ ова беше споменато на Анкетната собраниска комисија денес.
Во Фондот биле запознаени со начинот на кој се набавува терапија на Онкологија. Долговите на Онкологија секоја година растат и тој вртлог нема крај, вели поранешниот в.д. директор на Фондот, Миле Сугарев.
Тој сведочеше денес пред пратениците.
„СЕКОЈА ГОДИНА ДОЛГОВИТЕ РАСТАТ. ТОА Е ПОКАЗАТЕЛ ДЕКА ИЛИ МАЛКУ ПАРИ ИМА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ИЛИ НЕПОТРЕБНО СЕ ТРОШАТ ПОВЕЌЕ. ФОНДОТ ВРШЕЛ И РЕДОВНИ И ВОНРЕДНИ КОНТРОЛИ. УТВРДЕНО И НОТИРАНО Е ДЕКА СЕ ЗЕМАНИ ЛЕКОВИ НА РЕВЕРС. НОТИРАНО Е И ДЕКА СЕ КУПУВАНИ ЛЕКОВИ ВО КЕШ ОД БЛАГАЈНА. ТОА НЕ Е ВО РЕД. СЀ Е НОТИРАНО ВО ИЗВЕШТАИТЕ И ТУКА НЕМА ШТО ДА СЕ МОЛЧИ. ТИЕ СЕ АРХИВИРАНИ, ГИ ИМА ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ И ВО ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА“ КАЖА МИЛЕ СУГАРЕВ, РАКОВОДИТЕЛ НА СЕКТОРОТ ЗА ФИНАНСИСКИ ПРАШАЊА И ПОРАНЕШЕН В.Д. ДИРЕКТОР НА ФЗО.
На ова, пратеникот од опозицијата Петар Ристески одговори со обвинувања за луѓето во директорската фотелја на Фондот за здравство.
„ЗОШТО СЕ ПРИСТАПУВА СЕЛЕКТИВНО? ЗА ПАЦИЕНТИТЕ ОД ОНКОЛОГИЈА МОЖЕ ДА СЕ НАБАВУВААТ ЛЕКОВИ И СКАПА БИОЛОШКА ТЕРАПИЈА НЕЗАКОНСКИ И НА РЕВЕРС, А ЗА ДРУГИ ПАЦИЕНТИ КОИ ИСТО ТАКА СЕ БОРАТ ЗА ЖИВОТ – ТУКА НЕ СМЕ НЕКАКО МНОГУ ХУМАНИ. ПРАШУВАМ ДАЛИ ИНТЕРЕСОТ И ПРОВИЗИИТЕ СЕ ВО ПРАШАЊЕ КАЈ ДИРЕКТОРИТЕ?“ ОД ГОВОРНИЦАТА ПРАША ПЕТАР РИСТЕСКИ, ПРАТЕНИК И ЧЛЕН НА АНКЕТНАТА КОМИСИЈА ЗА ОНКОЛОГИЈА.
Фондот ќе треба да одлучува дали ќе продолжат условните буџети за скапи лекови на клиниките, смета Сугарев кој е раководител на секторот за финансиски прашања во ФЗО.
Ова следи по најавата на министерот Меџити, за ревизија на позитивната листа на лекови.
„КЛИНИКАТА МОЖЕ ДА НАБАВУВА ОДРЕДЕНИ ЛЕКАРСТВА КОИ НЕ СЕ НА ПОЗИТИВНА ЛИСТА, ПОД УСЛОВ АКО ИМА СОГЛАСНОСТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА ОДРЕДЕНИ ЛЕКОВИ“ КАЖА ВО СВОЈОТ ИСКАЗ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ ОРХАН РАМАДАНИ, ПОРАНЕШЕН ДИРЕКТОР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ.
„ЈАС НЕ САКАВ ДА СЕ СТАВАМ ВО УЛОГА ДА ЗАБРАНАМ ДА СЕ КУПИ НЕКАКОВ ЛЕК И СО ТОА ДА ОСУДАМ НЕКОГО НА СМРТ БИДЕЈЌИ НЕ ГО ДОБИЛ ЛЕКОТ“ ВЕЛИ СУГАРЕВ ОД ФЗО.
Дел од опозициските пратеници заклучија дека поранешниот директор на Онкологија, Васев, се ставил себеси над Законот и ограничувањата кои му ги поставувал Фондот.
Вчера свој исказ пред пратениците имаше и поранешниот министер за здравство, Филипче. Тој кажа дека д-р Васев е врвен професионалец и повика да се истражат сите сомнежи за неговото работење.
Пред Анкетната досега сведочеше и екс-министерот Сали, како и актуелниот Фатмир Меџити. Свој исказ даде и првиот човек на МВР, Спасовски.