На три вакцинални пунктови во Скопје, утринава пристигнаа вакцините против сезонски грип. Вакцинацијата против грип почнува утре за ризичните групи граѓани кои изразија интерес на страницата Вакцинација.мк.
Персоналот е екипиран, условите се обезбедени и се очекува имунизацијата на граѓаните да тече во најдобар ред, велат од Здравствен дом Скопје.
Вакцинацијата ќе се одвива на три пункта во Скопје – Бит Пазар, Идадија и Букурешт. На пунктовите на Бит Пазар и Идадија работното време е од 8 часот наутро до 19 часот навечер, а Букурешт ќе работи само во втора смена, од 14 до 19 часот. Граѓаните кои се пријавиле и добиле термин преку СМС порака, ќе бидат повикувани во наредните денови.
Министерството за здравство годинава нарача количини од вакцината против грип за 50 проценти повисока отколку лани. Изминатите години, поради пандемијата со ковид 19, грипот беше дијагностициран кај помал број граѓани.
ВАКЦИНАТА ПРОТИВ ГРИП Е НАЈДОБРА ПРЕВЕНТИВНА МЕРКА, ОСОБЕНО СЕ ПРЕПОРАЧУВА ЗА ЛИЦАТА ПОСТАРИ ОД 65 ГОДИНИ, ЛИЦА СО ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИ И СОСТОЈБИ НА НАМАЛЕН ИМУНИТЕТ, КАКО И КАЈ ДЕЦАТА ПОМАЛИ ОД 2 ГОДИНИ. ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ ГРИП НЕ Е 100-ПРОЦЕНТНА ГАРАНЦИЈА ДЕКА ВАКЦИНИРАНОТО ЛИЦЕ НЕМА ДА СЕ РАЗБОЛИ ОД ГРИП, НО ДУРИ И ДА ДОБИЕ ГРИП, ТОЈ ЌЕ БИДЕ ВО ПОБЛАГА ФОРМА, А РИЗИКОТ ОД КОМПЛИКАЦИИ Е ЗНАЧИТЕЛНО НАМАЛЕН, ВЕЛАТ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ.
Грипот е акутно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б, кое најчесто се јавува во зголемен број или во епидемиска форма во текот на зимскиот период. Во овој период, чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот. Во пракса, тешко може да се направи разлика дали се работи за грип или обична настинка само врза база на симптоматологијата, ако не се направи лабораториска анализа.
Грипот има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите наброени симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии тој процент се движи од 20-30 проценти), или пак со благи симптоми на настинка.