Група затвореници од позиција на жртви најавуваат штрајк со глад. Институциите, пак, трагаат по одговорите – дали употребата на сила од страна на полицијата била оправдана или не.
Тоа што се знае досега е дека при претрес во саботата наутро во полуотвореното одделение во затворот „Идризово“ се најдени над 80 парчиња ладно оружје, мобилни телефони и дрога.
Претставници на Народниот правобранител биле попречени да имаат увид во видео-доказите од пресметката помеѓу затворениците и полицајците.
„ДЕНЕС ЗА ЖАЛ ИМАВМЕ НЕМИЛ НАСТАН. ГРУПА ЗАТВОРЕНИЦИ УПАДНАЛА ПРИ КОНТРОЛА НА ВИДЕОНАДЗОРОТ И ГО ПРЕКИНАЛА ПРОЦЕСОТ. ТАКВО НЕШТО СМЕТАМ ДЕКА ОДИ НА ШТЕТА НА РАСВЕТЛУВАЊЕ НА НАСТАНОТ И НА ШТЕТА НА НИВНИТЕ ИНТЕРЕСИ. НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ Е ПРИСУТЕН ТАМУ ЗА ДА МОЖЕ ДОКОЛКУ ИМА ПОВРЕДА НА ПРАВАТА И ПРОЦЕДУРИТЕ ВО ПОСТАПУВАЊЕТО – ТОА ДА ГО СПРЕЧИ И ДА ДАДЕ СООДВЕТНИ НАСОКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ“ ВО ИЗЈАВА ЗА ТЕЛМА ВЕЛИ НАСЕР ЗИБЕРИ, НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ.
Народниот правобранител деновиве е присутен во Идризово и нема потреба од посебни барања за средби, вели Зибери.
Ова следува откако група затвореници испратија рачно напишан допис до службите, со барање за средба, а најавуваат и радикализација во спротивно.
Од Управата на затворот потврдија дека до нив е пристигнато писмо со најава за штрајк.
,,НИЕ ОСУДЕНИЦИТЕ ОД ПОЛУОТВОРЕНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ПРИ К.П.У. „ИДРИЗОВО“ ВЕ ИЗВЕСТУВАМЕ ДЕКА ОД УТРЕ, 31 ОКТОМВРИ, СТАПУВАМЕ ВО ШТРАЈК СО ГЛАД ПОРАДИ ТЕШКО ПОВРЕДЕНИТЕ ОСУДЕНИЦИ НА КОИ НЕ ИМ СЕ УКАЖУВА ЛЕКАРСКА ЗАШТИТА ИАКО СЕ СО ТЕШКИ ТЕЛЕСНИ ПОВРЕДИ КАКО ПОСЛЕДИЦА ОД ПОЛИЦИСКАТА АКЦИЈА“ СЕ ВЕЛИ ВО ДОПИСОТ ОД ГРУПА ЗАТВОРЕНИЦИ ОД „ИДРИЗОВО“.
Во случајов има многу контрадикторности кои треба да се расветлат, вели правобранителот Зибери. Одговорите ќе се бараат и во исказите од вмешаните во настанот.
„ИМАМЕ КОНТРАДИКТОРНИ СИТУАЦИИ. ВО ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА САНКЦИИТЕ ПИШУВА ДЕКА ЕДИНСТВЕНА УНИФОРМИРАНА И ВООРУЖЕНА ФОРМАЦИЈА КОЈА МОЖЕ ДА БИДЕ ВО КОНТАКТ СО ЗАТВОРЕНИЦИТЕ Е ЗАТВОРСКАТА ПОЛИЦИЈА. А, АКЦИЈАТА Е ИЗВЕДЕНА ОД ПРИПАДНИЦИТЕ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ. ПА, ДА ГИ ВИДИМЕ МОТИВИТЕ ЗОШТО Е ТОА НАПРАВЕНО“ ДОПОЛНУВА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ, НАСЕР ЗИБЕРИ.
Досегашните информации велат дека кога полицијата почнала да го прави претресот во полуотвореното одделение на затворот Идризово, се собрала група од 60-тина затвореници кои се спротивставиле на акцијата при што настанал инцидентот.
Затвореници со кои контактираше Телма кажаа дека биле нападнати и тепани од полицијата.