Ева Богоевска – Македонката која го покори светот: „Каде и да патувам и настапувам со виолината секогаш со радост се враќам дома“

ИЗВОРСкопје24
|

Ева Богоевска е млада, талентирана и успешна виолинистка која многупати досега ја направила Македонија горда. Иако има учествувано и победено на едни од најпрестижните фестивали и натпревари во светот, сепак е толку присебна и со задоволство ја прифати нашата покана, да биде денешниот Скопски лик на денот. Толку млада, а веќе ги има покорено фестивалот Сан Ремо – за јуниори, фестивалот за класична уметност и култура во Ерусалим и во Њујорк, а оваа година имаше и свој настап во престижниот Харнеги Хол кој е сон на сите класичари. Нејзината харизма е неизбежна, а талентот воодушевува. Овојпат позборувавме за тоа колку во Македонија е прифатена класичната музика, за тоа како изгледаше нејзиното детство исполнето со многу настапи, за патувањата низ светот и љубовта кон виолината, и секако за нејзиното омилено Скопје.

  1. Што за тебе претставува Скопје и која е твојата прва помисла за него?

– Скопје е градот во кој се родени моите родители, моите баби и дедовци. Во моето семејство постојано се вртеле и пренесувале од колено на колено приказните за животот во Скопје некогаш, така да имам чувство дека го познавам и чувствувам духот на градот не само каков што е сега туку и каков што бил многу одамна. Каде и да патувам и да настапувам со виолината, дури и во најубавите градови и центри во светот, секогаш со радост и полно срце се враќам дома. Едноставно го сакам Скопје.

2. Како би се опишала себеси и што е она што на професионален и приватен план го сметаш за најголемо достигнување?

– Јас по природа сум комуникативна и се сметам себеси за доста толерантна личност. На приватен план за мене најголеми достигнувања се стекнатите вистински и искрени пријателства и среќна сум што имам пријатели кои имаат разбирање за моите обврски и ме поддржуваат. Можам да кажам дека мноштвото меѓународни први награди кои ги освоив на реномирани натпревари и фестивали како и Гранд При во Ерусалим се моите најголеми достигнувања на професионален план. Би спомнала дека започнав студии на Факултетот за музичка уметност на 16 годишна возраст бидејки на двапати во моето досегашно школување, а по препорака на професорите, забрзано напредував и земав две години во една. Првата година од студиите ја завршив со просек 10,00 со што ја оправдав довербата на професорите. Постигнатиот усех на концертите на домашна, но и на меѓународна сцена се за мене огромен мотив за понатамошна работа која бара и многу самооткажувања.

3. Дали во нашата држава доволно се цени класичната музика? И што е она што те натера да ја одбереш баш виолината?

– Љубителите на класичната музика кај нас имааат можност да присуствуваат на извонредни концерти. Исто така за оние музичари кои сакаат да настапуваат има доста можности за концертирање кај нас. Моите колеги слушаат класична музика и редовно посетуваме вакви концерти. Но моите пријатели кои не се музичари за жал не се многу заинтерсирани за ваков тип на музика. Желба на мајка ми беше да свирам на пијано и прво изучував пијано. Но уште на седум години се изјаснив дека повеќе сакам да свирам на виолина. Си размислував како виолината е помала и како лесно ќе си ја носам секаде каде што ќе одам за разлика од пијаното. Исто така присуствував на еден концерт на кој се воодушевив од звукот на виолината. Тогаш знаев дека ќе морам да и соопштам на мајка ми дека нема да го свирам инструментот кој таа го одбра за мене.

4. Како изгледаше твоето детство со оглед на тоа дека од мали нозе настапуваш и напорно работиш на подобрување на талентот?

– Бидејки уште на самиот почеток брзо напредував свирев на многу концерти и ме праќаа на натпревари каде освојував највисоки награди. Моето детство беше исполнето со секојдневно повеќечасовно вежбање. Особено пред натпревари и настапи ми беше доста напорно. Јас и во училиште сакав да постигнувам одлични резултати така да немав време да излегувам често со моите другарки. Исто така и сега пред концерти и настапи не можам многу да се дружам со пријателите. Особено е тешко кога е некој празник и сите прославуваат, а мене ме чека некој настап и не можам да си дозволам ден без вежбање. Но не жалам за многуте дружења што сум ги пропуштила во детството бидејки ништо не може да се спореди со чувството на исполнетост и среќа после добро отсвирена композиција. Сега многу полесно се организирам со време и наоѓам доволно време за дружење со пријателите кои ми се огромна поддршка.

5. Како сега успеваш да ги избалансираш професионалните обврски и образованието со оглед на тоа дека постојано патуваш и кое е најубавото место кое си го посетила?

– Професорите во моето деосегашно образование секогаш имале разбирање за моите ангажмани врзани за настапи во странство и нивната поддршка ми е од огромно значење.Досега како солист имам настапувано во Словачка, Малезија, Виетнам, Италија, Русија, Австрија, Чешка, Унгарија, Израел, САД и кај нас. Секое место кое сум го посетила ми буди спомени за некој настап, за некоја награда и секое ми е посебно драго. Посебен впечаток ми остави градот Хо Ши Мин во Виетнам каде настапив како солист со нивниот национален Симфонискиот оркестар на операта и балетот, а како најубаво место за мене би го издвоила Њујорк, каде во април месец оваа година имав настап во Карнеги Хол.

6. Кој е твојот сон или највисока цел која ја имаш поставено и би сакала да ја оствариш?

– Сакам да концертирам и да настапувам како солист во убви и познати сали. Тоа ме исполнува и ме прави среќна. Досега имам настапувано во Аристон салата во Сан Ремо, во салата во кулите близначки во Куала Лумпур, во замокот во кој Бетовен ја творел познатата „Месечева соната“ во Братислава, во Карнеги Хол во Њујорк, во прекрасната сала на Операта во Хо Ши Мин ,во прекрасните катедрали во Виена, Прага, Будимпешта и многу други. Амбиентот во кој се настапува е посебна инспирација за секој уметник. Исто така на професионален план имам цел прво да ги завршам моите студии тука, а потоа да заминам на доусовршување во странство.

7. Која награда или достигнување ти е најмило до сега?

– Сите награди ми се драги. Почнувајки уште од првата награда што ја добив, а тоа беше прво место на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“. Потоа мноштвото државни и меѓународни први и специјални награди ми се исто така особено драги. Од интернационалните награди би ги издвоила: првото место на Фестивалот „Сан Ремо –Јуниор“, лауреатот од прв степен на престижен меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија, Гранд При на меѓународен фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, Израел и најновата награда – прво место на интернационален натпревар за класична музика во Њујорк каде само во мојата категорија се натпреваруваа повеќе од 200 учесници од сите континенти.

8. Кое е твоето омилено место во Скопје?

– Слободното време го поминувам со пријателите во кафулињата,најчесто во Дебар Маало.Омилени места ми се „Круг“ и „Кино Карпош“.

(Наталија Јосифоска)