Забавна, уникатна, талентирана и подготвена за дружба. Атрактивната македонска пејачка Теа Трајковка, попозната како Thea, со задоволство ја прифати нашата понуда да биде новиот Скопски лик на денот. За нејзиниот талент нема потреба да зборуваме, него го потврдуваат бројните хитови, награди и соработки со дел од лицата на нашата естрада. Љубовта кон музиката ја открила уште од своите најмали години, а ја потврди со своето образование, па сега таа е горда, дипломирана поп пејачка, која со својот потврден тим полека но сигурно ја освојува сцената. Со својот изглед едноставно плени насекаде, па затоа ја запрашавме што е она што неа најмногу ја привлекува кај посилниот пол, за својот љубовен статус, за тоа каде го поминува слободното време и што најмногу сака од нашето единствено Скопје! Разговорот го направивме во топол зимски амбиент, каде Thea ја покажа и другата своја страна, онаа приватната која не можете да ја видите пред ТВ екраните.
1. Што за тебе претставува Скопје и која е твојата прва помисла за него?
– Дома. Тоа ми е првата помисла дефинитивно. Прошетки на Водно, кафиња со другарките на кеј, свирки во Маракана.. Во мојата емоција сеуште не е упропастен и загаден.
2. Како би се опишала во неколку зборови и која сметаш дека е најдобрата одлука која си ја донесла во животот?
– Искрена, истрајна и сонувач. Не сум сигурна која би ми била најдобрата одлука, бидејќи изборите до сега ми се базирале на инстинкт и емоција, како на пример да кажам дека најдобра одлука ми била одлуката да се занимавам со музика, бидејќи ми е најголема љубов и секако никогаш не сум се гледала во ништо друго.
3. Кој е твојот сон или највисока цел која ја имаш поставено и би сакала да ја оствариш?
– Уште не ми е зацртана крајната цел како артист, секако секој нов ден носи нови предизвици. Непроменета ќе ми остане желбата мојата музика да стигне до што поголема и пошарена публика.
4. Знаат ли Скопјани добро да се забавуват на твоите забави или сметаш дека сепак кај нас подобро поминува турбофолкот?
– Уф.. Во Скопје има публика за секаков жанр на музика. Мислам дека секој треба да си го слуша тоа што го драјва, додека некои од нас ќе продолжат да си ги поддржуваат местенцата каде што сеуште царува рокенрол.
5. Што ќе беше, доколку не се занимаваше со музика?
– Космонаут!
6. Моментално македонската музичка сцена е во мирување, што мислиш дека треба да се направи и придонесе за таа повторно да оживее?
– Не, не е во мирување, само артистите нема кој да ги поддржи. Публиката и медиумите се погладни за политика, сеир и хејт. Позитивната афирмација преку уметност стана невозможна мисија. Еден од поголемите проблеми е тоа што нема критериум и квалитетна критика.
7. Како го искористуваш своето слободно време и кое е твоето омилено место во Скопје?
– Слободното време го поминувам со моите најблиски, добра серија или книга, читање за астрологија, во мојот микроуниверзум, далеку од негативна енергија.
8. Веројатно сите момци ги интересира дали моментално Теа е заљубена и што е она што за тебе е најбитно кога во прашање е љубовта?
– Теа е секогаш заљубена, како верувам и сите уметници. Не секогаш ми е фиксирана емоцијата за момче, пример во моментов сум заљубена во новиот албум на Fall Out Boy. Со годините ми се менувале ставовите околу тоа што е најважно во љубовта и во една врска. Победници за сега се разбирање, посветеност и се разбира лојалност.
9. Како би ги опишала скопските момци и знаат ли да бидат вистински кавалери?
– Искрено мислам дека џентлменството изумира и дека жените се почесто ги играат улогите што цела историја биле доделени на мажите.
10. Каде најчесто можат да те слушнат Скопјани, односно каде најчесто настапуваш?
– За сите мои музички случувања ја информирам нашата публика на мојот пејџ (facebook.com/TheaOfficialMk) и инстаграм профилот (theatrajkovska) па дојдете и вие на некоја од следните свирки да се подружиме со мојот бенд.
Не заборавајте да ја погледнете и нејзината последна песна насловена „Пекол“!
(Наталија Јосифоска)