Учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава согласно со одлуката на Владата учениците да не се враќаат во клупите до 10 јуни. Од затворањето на училиштата и факултетите на 11 март, предизвикот беше како да продолжи наставата од далечина и да ја замени формалната и во овие речиси три месеци учениците и наставниците се приспособуваа за е-учење. За образованието јуни е месец на испити и уписи. Државна матура за оваа генерација ќе нема, но претстои јунската испитна сесија за студентите и уписи за идните средношколци за кои роковите нема да се менуваат, вели во интервју за МИА, министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Тој е задоволен од преземените мерки со кои се овозможи непрекината настава во услови на здравствена криза, кои беа и правно регулирани со донесените уредби со законска сила, вели дека се максимално посветени и се разговара за прашања како би постапиле ако се соочиме со исти или полоши околности од септември, на почетокот на наредната учебна година.
-Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.
За претстојните испити во јунската сесија вели дека ги оставаат универзитетите сами да оценат и изберат дали на нивните факултети има услови за организирање испити со физичко присуство на студентите, притоа доследно да ги почитуваат препораките за заштита на јавното здравје.
Во интервјуто за МИА министерот соопшти дека деновиве на владините седници ќе се разгледува Предлог-одлуката за уписите за високо образование, треба да се прецизира уредбата за доделување ваучери за ученици и студенти од третиот пакет мерки од програмата на Владата (Уредбата за платежната картичка беше усвоена завчера), а за претстојните уписи во средните училишта рече дека ќе нема одложување на роковите утврдени во Конкурсот, но дека за спроведувањето на уписите се подготвени протоколи со мерки за заштита, исто како и протоколи за испитите што ќе се организираат на високообразовните установи.
– Навистина сум горд што за краток период реагиравме ефикасно и експедитивно и воспоставивме прва унифицирана национална образовна платформа Eduino.gov.mk каде се прикачуваат и се прикачени голем број лекции од активни наставници во основно и во средно образование, а е проширена и со видеолекции наменети за деца од претшколска возраст. Почнавме веднаш со основно имајќи предвид дека предизвиците се поголеми во основното образование, како и возраста на учениците кои се помали. За средното образование истото упатство го доставивме до сите наставници и училишта и лекциите се снимаат и прикачуваат. Очекувам дека целиот процес во наредниот процес ќе се заокружи, вели Адеми.
Тој вели дека Одлуката за децата да не се враќаат во училиште до крајот на учебната година ја имаат и други земји од регионот. Секој би бил среќен опасноста од болеста да исчезне и да се вратиме во училишните клупи.
-Секако, ние со Бирото за развој на образованието имаме подготвено скратени наставни програми во форма на упатство до наставниците. Ова не е нешто ново зашто и порано кога имало прекин на наставата, од една или од друга причина, сме имале упатства до наставниците кои теми и содржини би требало да се обработат уште еднаш за учениците да стекнат знаења за нив, без кои не може да има проодност во следна учебна година односно во понатамошно образование. За ова, би кажал позитивно сценарио, сме подготвени. Ако би почнале со учебната година во училишните клупи, тоа упатство за скратени наставни програми е веќе подготвено. Значи, за теми и содржини што се неопходни за учениците, кои се обработени во периодот на кризата преку средствата за електронска комуникација, објаснува тој .
Според него остануваат истите уписни рокови, но дополнително во оваа насока МОН подготви протоколи за упис и во основно и за упис во средно образование, како и протоколи за испитите што ќе се организираат на високообразовните установи, кои мерки треба да се испочитуваат за да се заштити јавното здравје на нашите ученици и студенти.
-Протоколите се веќе разгледани и усвоени од Комисијата за заразни болести и се проследени на Владата и очекувам на првата седница што ќе ја имаме можеби денес, да се усвојат, па да се објават во Службен весник и да се известат образовните установи. Протоколите ќе прецизираат кои активности и кои мерки треба да се испочитуваат од сите засегнати страни во процесот на уписите во основно и во средно – од страна на училиштата, од наставниците, од комисиите за упис, од страна на родителите, вели Адеми.
Уписот на првачиња кој беше одложен за еден месец ќе почне в понеделник и ќе трае до крајот на јуни.
– Не, целата постапка само се пролонгира за еден месец. Според Законот за основно образование, цел мај е за упис на децата во прво одделение. Но поради околностите ние го пролонгиравме од мај во јуни и целиот јуни ќе им биде на располагање на родителите кои треба да ги запишат децата.
Со оглед дека оваа учебна година завршува без државна матура, а филтерот за запишување студенти ќе бидат приемните испити на факултетите на уписите во август-септември.
– За уписите на јавните универзитети подготвивме информација и предлог-одлуката ќе се разгледа на првата седница и ќе се усвои. Како и секогаш, водевме сметка за барањата на универзитетите за бројот на запишани студенти во прва година од следната академска година. Не на сите факултети односно единици во рамки на еден универзитет треба да се организира приемен испит, туку би требало да се организира квалификациски испит во случаи кога повеќе апликанти имаат ист број на бодови од успехот во средното образование. Тоа ќе биде по примерот на организирање квалификациски испит при упис во средните училишта. Треба да донесеме одлука каде што се определуваат квотите и максималниот износ на партиципација и во согласност со таа предлог-одлука ќе бидат објавени конкурсите од јавните универзитети, вели тој.
Извор: МИА