Агент за недвижности продал ист стан на неколку граѓани – Кривичниот суд донесе решение

ИЗВОРНов Лист
|

Откако и по три месеци од правосилноста на пресудата агентот за недвижности кој оштети десетина граѓани со измама при купопродажба на станови не ги обесштети граѓаните, неговата условна казна затвор се ефектуира.

– Кривичниот совет, постапувајќи по добиено известие дека осудениот не ја испочитувал обврската пресудена со правосилната пресуда, донесе Решение со кое условната осуда се отповикува и се ефектуира казната затвор. Откако предметот ќе биде распределен кај судија за извршување на санкции на осудениот ќе му биде доставен упатен акт за извршување на затворската казна, велат од Основен кривичен суд Скопје, за МИА.

На агентот за недвижности осум месеци откако МИА го обелодени случајот, во судница број осум во Основниот Кривичен суд – Скопје, му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда. Според пресудата, на обвинетиот му се утврди условна казна затвор во траење од две години, доколку за три месеци од правосилноста на пресудата не ги обесштети граѓаните и за време од пет години не стори ново кривично дело.

Агентот за недвижности претходно ја призна вината за стореното кривично дело и обесштети 21 отсто од целосниот износ што го должи.

Пресудата следеше осум месеци откако МИА го обелодени случајот и континуирано бараше одговори и го следеше случајот од пријавата за „Измама”, која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот, определените мерки за претпазливост, па сè до Обвинителниот предлог кој следуваше веднаш по укажувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум ги споделија своите сведоштва.

Првата расправа за овој предмет беше закажана за 1 јули 2021 година, при што на неа обвинетиот не се појави и таа се одложи за 1 септември. На расправата која се одржа на 1 септември обвинетиот агент за недвижности изјави дека до 20-ти септември ќе обесштети дел од сумата, а до крајот на октомври ќе го врати целиот износ од околу 48 илјади евра со кои оштетил 10 граѓани. На расправата закажана на 20-ти септември, обвинетиот повторно не се појави, со што судот му определи мерка притвор.

Потоа, обвинетиот го оправда своето отсуство со приложување медицинска документација за која Судот бараше комплетирање, со што процесот се пролонгираше. Дополнително, насроченото рочиште за 26 ноември се одложи поради отсуство поради боледување на судијката. По сето ова, главната расправа беше презакажана за 7-ми декември кога обвинетиот ја призна вината и обесштети дел од парите што ги должи.

Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за кривичното дело „измама”, бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.

Застапник на обвинението е обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, а случајот го води судијката Александра Ристеска.