Легендарниот рок пејач и фронтмен на групата „Парни ваљак“, Аки Рахимовски денес беше испратен во своето вечно почивалиште, на Алејата на заслужни граѓани во Загреб.
Како што соопштија уште пред два дена од неговиот бенд, поради мерките на претпазливост од болеста, на последното испраќање присуствува само семејството и најблиските пријатели.
Денеска од него се простија колегите од бендот, неговиот син Кики и неговата ќерка Дина, кој имаше емотивно обраќање до покојниот татко, како и блиски роднини и колеги, помеѓу кои членовите на неговиот бенд, Нина Бадриќ, Џибони, Никша Братош и други. Неговиот ков чег беше покриен со македонско знаме и цвеќе.
Исто така на неговото последно испраќање се приклучија и над 150 регионални радио станици, кои точно во 15 часот ја емитуваа неговата последна песна „Поново”.
Вчера, на Градскиот плоштад во Скопје музички и медиумски работници, како и голем број скопјани во текот на денот му оддаваа последна почит.
Кај тревникот на плоштадот попладнето беше поставен билборд со фотографија од Аки и беше отворена книга на жалост каде граѓаните оставаат пораки, положуваат цвеќе и палат свеќи додека се слушаат и пеат хитовите што тој ги отпеа заедно со групата „Парни Ваљак“.
Александар (Аки) Рахимовски е роден во Ниш на 5 јуни 1955 година, детството и младоста ги поминал во Македонија пред да се пресели во Хрватска, никогаш не криеше дека Македонија секогаш ќе биде неговата татковина. Неговиот татко бил музички професор со што на седум години тој започнал да учи во музичко училиште за клавир и пеење.