Поради сѐ поскапите аранжмани за Грција, голем дел од македонските граѓани годинаа ја избраа Турција како своја дестинација за одмор. Попристапните цени и стабилната ситуација во земјата, како и докажаната турска гостопримливост, се „плус“ во дилемата меѓу Грција и Турција.
Доколку планирате да патувате за Турција, прочитајте ги овие совети за законските ограничувања кои мора да ги почитувате.
Транспорт
Доколку патувате со автомобил бидете доста внимателни кога возите. Возачите најчесто ги игнорираат собраќајните правила, како што е поминување на црвено и слично при што доведуваат до чести сообраќајни незгоди. Бидете многу внимателни кога возите навечер, надвор од населени места, поради големиот број на возачи кои возат без запалени светла, и е тешко да се забележат.
Лимитот за ал*охол е 0.50 промили. Казните за возење во алкохолизирана состојба достигнуваат и до 350 евра и одземање на возачката дозвола за период од 6 месеци.
Доколку планирате да изнајмувате мотор потребна ви е возачка дозвола од ‘A’ категорија за мотор со над 50 кубика, додека за мотори под 50 кубика ви е потребна ‘A1’ возачка дозвола. Според законите во Турција, носењето на кацига е задолжително, и непочитувањето на ова правило предвидува високи казни.
За да влезeте во Турција со сопствено возило, потребно ви е да носите пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола (со полномошно ако возилото гласи на друг), меѓународна зелена карта (со знак важечко за Турција).
Навреди кон државата
Забрането е според Турските закони, да се демонстрира непочитување на ликот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција. Исто така забрането е да се навредува Турската влада, Турското знаме како и безбедносните служби.
Забрането пушење
Пушењето е забрането во јавниот превоз како и во работните простории и други јавни места. Пушењето е забрането и во некои надворешни области каде се одржуваат културни, уметнички или спортски настани.
Купување антиквитети или сувенири
Турските закони имаат широка дефиниција за ”антиквитети” со голем број на забрани за било какво изнесување надвор од земјата. Сите историски места, и се што е во нив, во земјата или во водата се во сопственост на Турската влада. Ако купувате антиквитети, купувајте само од овластени продавачи и внимавајте да имаат музејски сертификати за секој предмет посебно со кој се дозволува продажба. На заминување, можно е полицијата да побара од вас да му приложите сметка и сертификат за купениот предмет. Доколку ги немате со вас може да резултира со апсење и затвор.
Доколку ве уапсат согласно меѓународните правила, имате право веднаш да побарате од полицијата да ја известат македонската амбасада за вашето апсење која треба да ве контактира и да ви ја пружи потребната помош.
Царински ограничувања
Кога влегувате во Турција, преку граница можете да внесете: 200 цигари и 10 пури или 200 г. тутун, за патници над 18 години дозволено е 1 шише вино или жесток пијалок од 1 литар или пак 2 шишиња од по 700мл., 5 парфеми (до 120мл. по парфем), подароци со вкупна вредност до 300 евра, 1 килограм кафе, 500г. чај, 1 килограм чоколадо, како и медицински лекови за лична употреба. Забрането е пренесување на месо и млечни производи.
Забрани за фотографирање
Забрането е фотографирање на воени или јавни институции. Избегнувајте фотографирање на јавни демонстрации или припадници на полицијата и безбедносните служби. Посебно не фотографирајте луѓе без нивна дозвола.
Важно: Додека сте во Турција задолжително е со вас да носите документ за идентификација со фотографија, како и копија од пасош за да избегнете непријатности со полицијата.