Ако не сте знаеле: По бојата ќе откриете дали автомобилот бил удрен

ИЗВОРСкопје24
|

Бојата на еден автомобил може да ви открие многу работи, а меѓу нив е и дали тој има одредени проблеми односно дали автомобилот бил удиран. Првото што треба да го направите е да го погледнете автомобилот од сите страни. Погледнете го внимателно и набљудувајте дали при промена на аглите од гледна точка на бојата, некој елемент ќе ви изгледа различно од бојата на соседниот детаљ.

Ако на пример една врата била пребојадисувана, тогаш шансата да нема никаква разлика во бојата е минимална. Дури и со така нареченото „прелевање“ лесно може да се утврдат граници. Процесот на бојадисување во сервисни услови е радикално различен од тој, при кој се бојадисуваат автомобилите во фабриките.

Дури и кога во специјализирана продавница за бои ќе ви ја подготват бојата според кодот на автомобилот, кога ќе ја нанесете ќе има разлика. Откако ќе направите визуелна инспекција ќе треба да продолжите со поблизок контакт. Со прсти споредувајте ги фугите меѓу хаубата и браниците, како и меѓу крилата и вратите.

Како да одредите колку навистина ви троши автомобилот

Во вредноста за потрошувачката на гориво што е прикажана на патниот компјутер не треба да се верува секогаш. Отстапувањата од вистинската потрошувачка на гориво обично се движат меѓу пет и десет проценти, но постојат и случаи кога се јавува неточност од 10 проценти.

Тоа е разлика што некои возачи ќе ја сметаат како незначителна, но други возачи нема да се помират со оваа непрецизност, па ќе сакаат да ја преземат работата во свои раце. Вистинската вредност на потрошувачката се одредува едноставно, со малку внимание при полнењето гориво и со калкулатор.

Наполнете го резервоарот на возилото до крај, најдобро до првото исклучување на пиштолот за точење. Поништете ја дневната километража. Тоа обично се врши со задржување на копчето под бројчаникот. Возете неколку стотина километри, резервоарот не мора да се празни до крај. Секако дека треба да се вози со вообичаениот стил, како секој ден.

Следи решавачкиот момент, односно дополнувањето на гориво во резевоарот. Повторно полнете до првото исклучување на пиштолот. Би било умно да се користи и истата пумпа за точење гориво, тие исто така подлежат на баждарење. Запишете ја количината на наполнетото гориво и прочитајте ја вредноста на километражата.

Формула за просечната потрошувачка на гориво:

Наполнета количина гориво во литри / Извозени километри х 100 = Потрошувачка во L / 100 km

Пример: Имате извозено 634 километри, а резервоарот е дополнет со 53,2 литри гориво

53,2 l / 634 km х 100 = 8,39 L / 100 km

Најпрецизен увид во потрошувачката на гориво ќе добиете кога повеќепати ќе ја извршите оваа процедура и ќе го пресметате просекот од сите одделни вредности.

А, колку изнесува трошокот за гориво за секој изминат километар?

Од голема корист за намалување на трошоците во домашниот буџет може да биде сознанието, колку се плаќа за гориво за секој извозен километар со возилото. Вистинската вредност на потрошувачката на гориво ја имаме, потребно е само уште да се погледнат цените на горивата. Цените по „првомајстото“ поскапување за два денари се 70 денари за литар 95-октански бензин и 62 денари за литар дизел.

Трошок за гориво по километар

Формула за цена за гориво од поминат километар:

Просек во l/100 km x Цена за литар бензин / 100 = Цена за километар

Со вредноста за просечната потрошувачка од 8,39 литри бензин од нашиот пример:

8,39 l/100 km х 70 ден. / 100 = 5,9 денари за еден километар

Овој податок понатаму може да се користи на најразличен начин, почнувајќи од најосновниот, дека за секои 100 километри пат ќе се потрошат 590 денари за гориво. Скопје-Охрид-Скопје за околу 2.000 денари, без патарини.

Да земеме за пример дека секојдневната рута до работното место и назад изнесува 6,8 километри. Би рекле дека тоа е незначително растојание. Но, пат од 6,8 километри помножен со 5,9 денари за секој километар, дава 40,1 денари. Секој работен ден по толку, односно околу 800 денари месечно.