Бисер на мијачкиот крај.. Недопрена убавина на природата која те тера да се замислиш и да не можеш да решиш во кое годишно време е поубава.. Во ваков планински предел токму како грозд, под планината Стогово е распослано мијачкото село Гари.
Сега е помало од некогаш, но зрачи со историја. Куќи изградени во стар стил, но и модерни.
Празно преку зима, преполно веќе од кога ќе се стопат снеговите.
До него се стигнува возејќи на патот кон Дебар во западна Македонија. Се скршнува кај месноста Бошков мост и оттука само право, ни лево ни десно. По 9-10 километри влегувате во селото Гари.
За добредојде еден кладенец од кој блика вода, да се знае дека добредојде од сите гарци најпрвин ти посакува Гарска Река… Гласна и моќна, можеш да ја слушнеш од било кој дел на селото.. Татни!!!
На сред село црквата св. Богородица.. Мала, но прекрасна.. Стара околу четири века. Во неа иконостас изработен од гарецот и врвен копаничар Петре Филиповски Гарката. Еден од најпознатите гарци, познат по врвните иконостаси кои ги изработил во манастирот Свети Јован Бигорски, црквата Свет Спас во Скопје, но и уште многу, многу други цркви и манастири кои ги работел на Балканот.
И меѓу сите стари икони, на куполата изненадувачки насликано масонско око кое многу ретко се наоѓа во македонските цркви.
Од каде тоа во црквата? Гарката бил масон или пак имало повеќемина гарци слободни ѕидари. Детали нема, но најверојатно е така, па Гарците се впрочем исклучително паметни луѓе. Во црквата уште нешто.. Коски од светец, кои помогнале на многумина, барем така велат.. Коските се премиваат со вода, а со таа вода болниот се мие… За здравје ја користат и здравите. Од кој светец се коските никој не знае, но се знае дека чудотворните коски помогнале на многумина.
На сред село и продавница, а над неа неколку соби за добронамерниците кои сакаат да поминат некој ден во селото. Помодерно, во селото од неодамна е отворен и комплекс со четири апартмани. Колку за почеток и развивање на алтернативниот туризам. Не е исклучено гостопримство да ви понуди и некој гарец, па впечатокот да испадне уште поцелосен. Немојте никако да го одбегнете на далеку познатото гарско овчо сирење.
Гари е опкружено со бачила кои токму на старински начин го прават сирењето.. Ако пак стигнете шетајќи се до едно од бачилата, кои се високо во планините, тамошните мајстори ќе ви дадат и леб печен под сач и сирење и овчо млеко. Не претерувајте, премногу е квалитено и мрсно, стомакот може да ви прозбори.
Од врвот на Гари фрлате поглед кон Мала планина. Ред шума, ред трева…
Од десната страна среде Гарска Река убавина на природата, како нем чувар на селото. Високо се издига една карпа по која и го добила името „Високи камен“. И има уште многу, многу да се зборува за Гари, но сепак треба да се види ова мијачко село и да се доживее природата околу него. Гостопримството нема да изостане, а гарци можат уште многу да ви раскажуваат од развојот на селото, до нивните гачки и доживувања, до Димко Шангај кој на времето како печалбар стигнал најдалеку, дури до Кина, но сепак, вистината е дека Гари во секој момент претставува одличен избор за релаксација, далеку од градската бучава.
Миле А. Ристески