Секој кој ќе се насели во регионот Молизе во јужна Италија три години ќе добива месечна помош од 700 евра. Меѓутоа, постојат два услови.
Местото во кое што луѓето ќе се доселат мора да има помалку од 2 илјади жители, а новодоселените ќе мора да започнат некој бизнис.
„Доколку понудевме само парична помош, тоа ќе изгледаше како милосрдие. Сакавме да направиме повеќе. Сакавме да инвестираме во луѓето. Можат да отворат нешто – пекара, продавница, ресторан, било што. Ова е начин да внесеме живот во нашите места и истовремено да ја зголемиме популацијата“, изјави Донато Тома, прв човек на јужниот италијански регион.
Тој најави дека секој град со помалку од 2 илјади жители ќе добие по 10 илјади евра месечно за промоција на културните содржини.
„Овде не станува збор само за зголемување на популацијата. На луѓето им е потребна инфраструктура и причина за да останат, инаку се ќе биде попусто и за неколку години пак ќе се вратиме на почетокот“, изјави Тома.
Според бројките на Институтот за статистика на Италија, Молизе има 305 илјади жители и се наоѓа меѓу регионите во Италија кои во изминатите години загубиле најмногу жители. Оваа област од 2014-та година ја напуштиле над 9 илјади луѓе.
Минатата година починале или се отселиле 2,800 жители, што е за речиси илјада повеќе во однос на 2017-та година. Во девет градови во таа област во 2018-та година не било родено ниту едно бебе.
Според Институтот, за прв пат во последните 90 години, бројот на италијанските граѓани кои што живеат во Италија паднал на 55 милиони.