„Ако треба ќе му се јавам за понудите“: Бектеши прифаќа средба со Мицкоски за енергетската криза

ИЗВОРТелма
|

Министерот за економија е подготвен за средба со опозицискиот лидер, кој тврди дека има контакти и понуди од компании за набавка на мазут и природен гас со кои државата ќе заштеди 300 милиони евра. Секоја понуда во насока на надминување на актуелната криза е добредојдена,но мора да се внимава на многу аспекти, порача Крешник Бектеши од собраниската говорница.

-Јас ќе преземам одговорност и ќе му се јавам на Мицкоски. Ќе ги објавам контактите и ќе ги доставам до ЕСМ. Сметам дека целата јавност треба да знае и да биде информирана. Се треба да биде транспарентно. Во понеделник сум тука, нека ми ги достави Мицкоски контактите, а јас јавно ако треба ќе го однесам во ЕСМ, да видиме од кои извори доаѓаат. Време на кризна состојба е, има некои работи кои државата не може да ги направи, членка сме на НАТО, рече Бектеши.

И генералниот директор на АД ЕСМ, побара од Мицкоски, најдоцна до среда, компаниите да ги достават понудите. Но, нагласи дека, треба да имаат технички карактеристики на енергенсот, сертификати, лиценци, обезбедени количини од 250.000 тони мазут и 250 милиони нормални метри кубни природен гас, договори со испорачатели, обезбеден транспорт до производните капацитети, динамика на испорака согласно производниот план и банкарска гаранција.Ова, вели се критериумите и условите кои и досега се барале во сите јавни набавки на овие енергенси.

Мицкоски, сепак, инсистира на средба со владини претставници.

Опозицискиот лидер вчера ѝ понуди на Владата предлог за за намалување на енергетската криза и трошоците за производство на струја и топлинска енергија. Таа заштеда, според него, можат да ја обезбедат преку набавка на мазут за електраната ТЕЦ Неготино и тоа по цена која би била за 200 евра по тон пониска од таа што се набавува во моментов.

Далиборка Демјанска Цветановска