Албана Мустафа: „Во Македонија кога одиме на класични концерти, публиката е составена само од нас уметниците кои се знаеме меѓусебно“

ИЗВОРСкопје24
|

Албана Мустафа е нашата млада, амбициозна и борбена флејтистка која е врвна во својата дејност и одличен претставник на нашата култура во регионот и светот. Како врвна музичарка и професорка која својот талент и знаење сака да го пренесе на младите не инспирираше и нас да ја повикаме на разговор, за токму таа да биде нашиот денешен Скопски лик на денот. Нејзините огромни успеси зборуваат за големината на талентот кој го поседува, а незината младост зборува за нејзината упорност. Овој пат не зборувавме само за нејзината кариета, туку и за тоа која е Албана во своето слободно време, кога е со најблиските и семејството, за своите идни планови и за нашето единствено Скопје.

1. Што за тебе претставува Скопје и која е твојата прва помисла за него?

-Скопје за мене е гужвата од дома до работа, мирисот на липите во пролет и мирисот на ајвар во есен 🙂 Бескрајно долгите игри во маало, дружбата со другарките на кафе на кејот на Вардар, пеколните лета, комшивките што повеќе знаат за кај тебе дома од самата себе, бескрајно многуте кучиња (кои ги приметувам затоа што се плашам), фамилијарните прослави (кога денот нема крај) и топлината на луѓето. Колку и да сме далечни или да не се согласуваме, сите се знаеме, сите сме исти и знаеме да си подадеме рака.

2. Како би се опишале себеси и што е она што на професионален и приватен план го сметате за најголемо достигнување?

– Амбициозна, чесна, борбена и темпераментна. Секогаш се обидувам да направам работите да се одвиваат на најдобар начин. Се борам за правда, мразам дволичност и се обидувам што можам повеќе да ги избегнувам тие луѓе. Имам голема среќа што имам родители кои дадоа се од себе и вложија онолку колку што беше потребно за да стигнам до ова што сум денес и за тоа сум благодарна. Во моментов работам како професор по флејта во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, а од рани години до сега сум имала бројни концерти низ Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Виена… како и кај нас во Македонија секако. Исто така бев дел од проектот како флејтист на Албанскиот народен театар “Kabare orkestra” во режија на Наташа Поплавска, солист на оркестарот под диригентската палка на Рамадан Шукри и дел од триото Сфорзандо.
Преку мојата НО “La Skala Skupi” организирав голем број на манифестации и бев поддржувач на многу млади артисти во нашата држава. Затоа сакам и сметам дека можам да постигнам повеќе, да се посветам на мојот професионален развој пред се, но и да придонесам повеќе за културата во оваа земја.
На приватен план се разбира дека најголемо достигнување е моето семејство. Мојот сопруг кој ми е најголемата поддршка во се што работам и мојот син Лорик кој е мојата движечка сила. Тие двајца во моментов се моја поддршка и во добро и во лошо, поттик за превземање на значајни чекори во животот и затоа ги ставам на највисокиот пиедестал во мојот живот.

3. Кога за прв пат се појави љубовта кон флејтата и дали според тебе во нашата држава доволно се цени класичната музика?

– Откако знам за себе ја сакам музиката, затоа не се ни сомневам што љубовта кон флејтата се роди уште тогаш, на многу рани години. За жал, не можам да кажам дека многу се цени класичната музика кај нас… Ние имаме одлични концерти на репертоарот, но публиката која доаѓа на нив е составена само од нас кои се занимаваме со неа и се знаеме меѓусебе. Ретко да сретнам мои врсници кој ќе посетат некој класичен концерт.

4. Каква музика сакаш да слушаш во твоето слободно време и кој е твојот омилен изведувач?

– Слушам секаква музика. Како музичар го почитувам трудот на другите затоа што знам колку треба да се вложи за да се добие еден музички производ. Затоа не можам да кажам дека имам конкретен стил на музика кој би го издвоила како омилен. Тоа го правам во зависност на пригодата, расположението или друштвото.

5. Каде се гледаш себеси за 10 години? И која е највисока цел која ја имаш поставено и би сакала да ја оствариш?

– Како што кажав и претходно сакам да учам нови работи во животот. Не знам каде ќе бидам и што ќе правам за 10 години од сега, но сигурна сум дека ме очекуваат нови предизвици кои ќе ги прифатам со задоволство.

6. Доколку би можела да се родиш уште еднаш, дали нешто би променила во својот живот и кариерата?

– Не, не би сакала да променам ништо. И доколку би се родила повторно би била истата која што сум сега. Среќна сум, уште сум млада и имам можност да направам промени во мојот живот доколку тоа го посакам.

7. Како изгледа еден твој обичен ден во Скопје?

– Како секоја мајка и сопруга првенствено гледам да ги завршам сите домашни обврски, потоа следуваат активности и задолженија кои ги имам на професионален план и се разбира на крајот од денот мора да се најде време и за кафе со пријателките.

8. Кое е твоето омилено место во Скопје, каде сакаш да го поминуваш слободното време?

– Бидејќи имам мало дете најактуелни му се паркот и игротеките. Обично бирам места каде што нема гужви и галама, каде што можам да се релаксирам и на мира да поразговарам со најблиските. Секако неизбежни на репертоарот се и културните настани кои обожавам да ги проследувам.

(Наталија Јосифоска)