Алфите заминуваат во историјата

ИЗВОРnovlist.mk
|

Беа полицајци во цивилка, користеа необележани возила и имаа задача да сузбиваат уличен и насилен криминал.

По петнаесетина години постоење на оваа единица позната и по спектакуларни апсења, но понекогаш користена и во контроверзни политички инспирирани акции како што беа Тортура или исфрлањето на пратениците на 24-ти декември 2012-та, на црниот понеделник- таа сега е споена со единицата за јавен ред и мир и доби ново име Единица за интервентна полиција. Тоа го потврди и министерот Спасовски.

Новата единица ќе биде дел од СВР Скопје, ќе добие и нов раководител, а тој конкурс не е единствен распишан во МВР. Според опозицијата, има десетици внатрешни конкурси за раководни места во полицијата, чиј дел е зголемен по новата систематизација и само десет дена пред да биде избран опозициски технички министер. Ова е за да се минира работата на новиот министер кој има право да постави само 10 раководители на полициски единици.

Бројот на раководни места е зголемен со нова категорија во систематизацијата, неколку полициски станици и единици ќе бидат дел од единица за внатрешни работи. Таа единица ќе има раководител, а во СВР Скопје ќе има вкупно 7 Единици. Например во ЕВР Газибаба ќе има три полициски станици, Автокоманда, Петровец и Арачиново, служба за прибирање информации и одделение за криминалистички работи.