Американците прават своја верзија од Евровизија – Снуп Дог и Кели Кларксон ќе бидат водители

ИЗВОРНов Лист
|

Раперот Снуп Дог и пејачката Кели Кларксон ќе бидат домаќини на Изборот за песна на Америка, по моделот на Евровизија.

Споменатиот фестивал ќе се прикажува на американската мрежа NBC. Почетокот на шоуто е најавен за март, а големото финале е закажано за 9 мај. Ќе присуствуваат изведувачи, солисти, дуети или групи од сите педесет американски држави, од главниот град на Вашингтон и од петте придружни американски територии.

Чест ми е што сум домаќин на Американскиот натпревар за песна со мојата „сестра“ Кели Кларксон“, се вели во писмената изјава на Снуп Дог.

Кларксон е добитник на првото издание на Американскиот идол во 2002 година, и се разви во една од најуспешните американски пејачки, со две Греми и милиони продадени албуми.

– Јас сум голем љубител на евровизискиот концепт и воодушевена сум што овој музички феномен доаѓа во Америка. Возбудена сум што ќе работам со Снуп и едвај чекам да ја видам секоја земја и територија претставена со свој изведувач – изјави пејачката.

– Евровизија е еден од најголемите телевизиски настани во светот. Замислете дека музиката е олимписки спорт и дека натпреварувачи од целиот свет се собираат на натпревар за златен медал. Тоа е Евровизија – вели во изјавата продуцентот на „Амеровизија“ Андерс Ленхоф.

„Американскиот натпревар за песна е натпревар што ќе се прикажува на телевизија, а не натпревар создаден само за да стане телевизиско шоу. Ќе биде отворен за сите музичари, без разлика дали се аматери или веќе имаат договор со издавачка куќа. Никој не е исклучен“, додаде тој.