Андреа со песната „Circles“ оваа година на Евровизија (ВИДЕО)

|

Во емисијата Стисни плеј на МРТ 1 вчеравечер, беше избран македонскиот евровизиски претставник, а победата ја однесе младата Андреа со песната „Circles“.

Оваа година имаше малку поразличен избор за песна на Евровизија, па пред камерите се претставија шесте кандидати за кои народот имаше можност да гласа изминативе денови на специјалнокреираната платформа за гласање. Кандидатите беа: Кали, Лара, Виктор, Јон, Андреа и Рис Флауер. Сите се релативно млади музички имиња без многу телевизиско учество, кои претходно беа избрани како финалисти на конкурсот кој го распиша МРТ.

„Пред сè, благодарам Македонија! Ветувам дека ќе направам сè да ги оправдам вашите очекувања. Честитки за сите учесници во национланиот избор, бевте тешка конкуренција Оваа шанса за мене е одговорност, како професионална, така и лична. Поддршката од страна на публиката и медиумите ми даде голем поттик овие две недели. Александар Масевски, благодарам за Circles! Останува да продолжиме со полна пареа со подготовките за Евровизија и достојно да ја претставиме Македонија во Торино“ – напиша Андреа на социјалните мрежи.

Изборот се одвиваше по пат на онлајн гласање, а гласовите од јавноста сочинуваа 50 проценти, додека останатите 50 проценти беа доделени од страна на стручно странско жири.

Музиката, аранжманот и продукцијата ги потпишува Александар масевски, додека стиховите на песната се заедничко дело на авторот и изведувачот – Александар Масевски и Андреа Коевска.