Андрија Милошевиќ: „Јас оваа земја не ја чувствувам како туѓа, тука сум како дома – Политиката не ме интересира, ме интересираат само луѓето“

ИЗВОРСкопје24
|

Македонската публика секогаш е желна за добар хумор и смеа, поради тоа Македонскиот Народен Театар во петокот беше претесен за да ги собере сите обожаватели на српскиот шармер Андрија Милошевиќ, кој по 4 години, конечно повторно ни гостуваше во Македонија со неговата урнебесна претстава „Златен ланец од бижутерија“, претстава која во Скопје ја донесе продукцијата „КМК“.

„Златен ланец од бижутерија“ е хит претстава во регионот со текст на Миодраг Мио Караџиќ, продуцент е Бата Караџиќ, а музиката е на Владимир Рацковиќ. Едночасовната претстава која е мешавина од монодрама и стендап, публиката ја дочека со голем интерес, при што билетите беа распродадени во рекордно време, уште неколку дена пред почетокот на претставата, а се бараше и место плус. Тематиката која ја опфаќа оваа претстава се машко-женските односи. Гледаме еден машки лик, Костадин-Лале кој што се мачи со изборот помеѓу љубовта и парите, нешто што во секојдневието денеска е многу честа појава.

Македонската публика со нетрпение го дочека Андирија Милошевиќ, но се чини и нему му недостасуваше оваа сцена, бидејки како што вели тука има многу пријатели, се чувствува како дома и навистина ужива да гостува било каде во Македонија.

„Македонците имаат некој карактер кој е не е оптеретен. Нормално сите луѓе се оптеретени со различни проблеми, но инаку Македонците се луѓе кои се отворени, кои ги сакаат сите и поради тоа јас тука добро се вклопувам. Тука имам многу пријатели. Во Скопје секогаш сакам да доаѓам. Јас не сум настапувал само во Скопје, туку и во речиси сите градови од Македонија. Така што секогаш сум среќен и радосен да дојдам, и на крајот на краиштата, и да играм во Националниот театар“, ни откри актерот.

Хумористичните ситуации кои ги раскажува главниот лик беа проследени со многу насмевки, овации и громогласен аплауз, кој на крајот од претставата дури неколку пати го врати маестралниот Андрија на сцената. Всушност кога е во прашање тој, публиката не ни очекуваше нешто помалку тоа. За него нема потреба многу да се објаснува, неговата блескава кариера од речиси 20 години кажува се.

Сме го виделе во многубројни театарски претстави, играни филмови, серии, како водител беше дел и од реалното шоу „Survivor“, а кон крајот на минатата година отвори и свој сопствен театар „Театар на брду“. Андрија е доказ за тоа дека доколку се сака нешто во животот, ништо не е невозможно. Екипата на Скопје24 присуствуваше на премиерата на оваа одлична претстава, и непосредно пред почетокот успеа да дојде до ексклузивно интервју со миленикот на македонската публика.

Актерот со насмевка на лицето искрено ни ракажа за тоа како и колку време се подготвуваше оваа претстава, за тоа колку му недостигаше македонската публика, за она што го поврзува со нашата земја, своите желби и идни планови. Ни откри и дека се подготвува за улога во нова серија, како и за остарувањето на неговиот најголем сон досега.

Во Македонија не сте прв пат, но сега имате добар повод, а тоа е промоција на театарска претстава „Златен ланец од бижутерија“ која ја играте во МНТ. Колку време се подготвуваше претставата, каква е реакцијата од публиката во регионот и зошто би им ја препорачале на Македонците?

– Јас оваа претстава почнав да ја правам пред 4 години и таа за брзо време стана култна претстава. Таа е еден спој на монодрама и стендап и има некоја комуникација со публиката, но зборува за некои теми кои денеска луѓето ги интересираат, а тоа е дека парите се најбитни. Имаме еден лик кој се обидува да дојде до пари, на тој начин што сака да се ожени со една богата жена и преку тоа да дојде до некоја среќа во животот… но знаеме и самите дека тоа така не оди. Така што може да речам, има некоја кореспонденција со она како денеска луѓето живеат. Претставата е интересна, енергична, а публиката во регионот реагираше феноменално насекаде. Мојот хумор е таков да не е оптеретен со политика, со тие некои лоши работи кои генерално имаат премногу значење во медиумите. Јас се одлучив во моите претстави да се занимавам најмногу со машко-женските односи и општо со луѓето во целост, кои живеат и имаат свои размислувања.

Што се однесува за Македонија, вечерва е полна сала, така што тоа само по себе говори дека луѓето се желни за добар хумор. Јас одамна не сум гостувал во Скопје. Последен пат дојдов пред неколку години. Тогаш имавме успех со претставата „Певај брате“ и имавме преку 20 илјади продадени билети во Скопје и цела Македонија. Јас се ова го доживувам како една генерална сцена, на која се луѓе кои исто мислат, размислуваат и имаат исти проблеми… нема тука некоја голема разлика. Луѓето воглавно реагираат исто насекаде.

Речиси 20 години сте на сцената и имате играно во огромен број проекти, што е тоа што до сега не сте го направиле, а би сакале да го направите во иднина?

– Немам ништо. Отворив свој театар минатата година, тоа ми беше сон, се останато е достижно. Кога се работи за улоги, дали ќе ја имате онаа улога или некоја друга, тоа е потполно небитно денеска. Тоа е прашање само на вашата енергија, дали сакате вие нешто сами да направите или не, доколку некој ве повика. Имав сон да имам свој театар и сега го има, со тоа, се ми е како што треба на крајот. Она што не сте го направиле, не ни вреди сега да се мисли и да се споменува, кога тоа веќе поминало…

Што е она што Вас ве врзува за Македонија, која е првата работа што Ви паѓа на памет кога ќе се спомне нашето име и како би ја опишале македонската публика?

Јас ја сакам Македонија, уште од многу одамна, од кога сме доаѓале. Мора да сфатите дека јас сум роден во Југославија, така што јас го имам тој некој поширок видик во однос на сите земји од поранешна Југославија. Уште од порано кога сме доаѓале во Македонија јас сум уживал. Јас оваа земја не ја чувствувам како туѓа земја, се чувствувам како да сум дошол кај мене дома, во својата земја. Така да немам некои поголеми разлики. Политиката не ме интересира, ме интересираат само луѓето. Овде луѓето се прекрасни, прекрасна е музиката, храната, отворени луѓе кои сакаат хумор, кои се опуштени. Секогаш кога треба да дојдам во Македонија јас сум среќен, затоа што знам дека ќе ми биде супер.

Што следно можеме да очекуваме од Вас и што би им препорачале на нашите читатели за крај?

Во блиска иднина ќе дојдам со некои мои претстави и продукции кои ги работев во мојот „Театар на брду“ и планираме да направиме некоја мала турнеја. Ќе работам една нова продукција, исто така во театарот кај мене. Ќе играм во нова серија, која според работниот наслов ќе се вика „ Јас, како јас“, која би требало малку да се занимава со мојот живот и ќе снимам филм. Би правел се она што и до сега го правев во изинатите 20 години.

Претставата помина дури и подобро од очекуваното, па останува да видиме дали со истата претстава ќе има и уште некое гостување во Скопје или во некој од останатите градови од државата, со оглед на тоа дека заинересираноста беше огромна, а многумина за жал останаа без посакуваните билети.

Автор: Наталија Јосифоска