Ангелов: Оваа година за прв пат ќе имаме хеликоптер на МВР опремен за гаснење пожари

|

Со оглед што и ова лето не се очекуваат многу врнежи очекуваме повторно да има пожари, се надевам не во обем како минатата година, но градоначалниците треба да бидат подготвени самите да се справат, барем со почетниот у дар кога ќе се појави пожар, веднаш потоа да бараат поддршка од соседните општини, а понатаму доколку тоа не е доволно ќе бараат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), рече денеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање.

Нормално, како што потенцира, на располагање ќе ни стојат и неколку хеликоптери на Министерството за одбрана, односно на Армијата. Оваа година, најави Ангелов, за првпат ќе имаме хеликоптер на МВР којшто веќе ја има потребната опрема за гаснење пожари и во тек е обуката на летечкиот персонал.

– На тој начин ќе имаме едно летало плус. Јас сум оптимист, според кажувањето на директорот на ДЗС Беким Максути дека и трите авиони за ова лето ќе бидат ставени во функција, посочи Ангелов.