Антониа Гиговска – „Кога повторно би се телепортирла на пробите на „Тајно моја“, би било одлично, тој адреналин кога сите го прават “Ѕвезденото небо” не се опишува!“

ИЗВОРСкопје24
|

Седумнаесет годишната Антониа Гиговска македонската јавност ја запозна во регионалното талент шоу „Ѕвездичките на Пинк“, но по неговото завршување таа стана вистинска тин ѕвезда во Македонија и новата надеж на македонската поп сцена.

Позитивна, насмеана и слатка, тоа е првиот опис за Антониа, но кога ќе почне да пее сите остануваат без зборови од моќноста на нејзиниот вокал. Можеме да кажеме дека таа ги поседува сите квалитети за вистинска ѕвезда, па токму поради тоа таа е нашиот денешен Скопски лик на денот. Без многу размислување ја прифати нашата покана и искрено проговори малку повеќе за себе, за својата работа и интимата, која како што вели не сака премногу да ја дели со јавноста. Со екипата на Скопје24 зборуваше за учеството во првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, за својата инспирација, кариерата, идните планови и нештата кои ја поврзуваат со нашето омилено Скопје!

1. Што за тебе претставува Скопје и која е твојата прва помисла за него?

– Град на метеж во сообраќај ми е прво нешто што ми паѓа на памет, но и град на полни кафулиња, ресторани… Град со душа, со приказна, град во кој се живее 200 на час.

2. Како би се опишала себеси, која е Антониа кога ќе се исклучат камерите?

– Јас сум истата Антониа што ја гледате и на ТВ-екраните. Многу зборлива, спонтана, искрена и секогаш расположена за пеење.

3. Македонската публика те запозна преку шоуто „Ѕвездичките на Пинк“, а од тука кариерата ти тргна по нагорна линија. Како би го опишала ова искуство, дали си се уште во контакт со нив и би им препорачала ли и на останатите млади таленти да се испробаат во ваков вид на талент шоу?

– Пресреќна сум што бев дел од тоа шоу и мислам дека секој што има можност мора да го искуси тоа… Навистина тоа е едно големо искуство кое што е незаборавно, почнувајќи од сцената, па се до пријателите, жирито и многу друго. Што се однесува до дружбата и оние со кои што го поминав сето тоа време таму, останав со сите во контакт, сеуште се поддржуваме, си пишуваме, со најблиските дури и фамилијарно се гледаме.

4. Кој е твојот музички идол, или на кого се огледуваш и би сакала да го достигнеш на музички план?

– Имам навистина многу на кои се угледувам… Прв е Тоше, а потоа сите мои омилени..Beyonce, Shawn Mendes, Adele, Dua Lipa итн..

5. Како победник на „Кастиг талент шоуто“ ја имаше главната улога и во мјузиклот „Тајно моја“ посветен на легендарнот Тоше Проески, веројатно оваа улога не беше лесна, па кажи ни како се подготвуваше и како се чувстуваше на сцента кога за прв пат на премиерата требаше да настапиш како Ана?

– Уште едно незаборавно искуство… Изненадена сум како за толку кратко време успеавме да направиме нешто толку големо што за жал веќе го нема… Пробите беа напорни, но глумата за мене е прва љубов од детството… Така да не ми беше толку многу проблем да се вклопам во улогата на Ана, иако таа е шмизла, а јас сум далеку од такво нешто, па можеби тоа беше потешко. Ми недостига дружбата, ми фали Тони Михајловски, ми фалат “мама” и “тато” Весна Бејби и Игор Џамбазов… Кога би можела само да се телепортирам на пробите и премиерата, би било одлично. Тој адреналин на претставите и погледот од сцената кон публиката кога во еден број сите го правеа „Ѕвезденото небо“ на нашата легенда Тоше Проески е нешто што не се опишува со зборови.

6. Мјузиклот „Тајно моја“ повеќе не е на репертоарот на МОБ, а се најавуваше и негово интернационално претставување, можат ли фановите да се надеваат на негово повторно враќање?

– Јас се надевам и би била многу среќна, како јас така и останатите мои колеги.. Тоа не смее да се пропушти и криво ми е за сите кои што не биле.

7. Деновиве ја претстави својата нова песна „Слаба страна“ и одговорно можеме да кажеме дека е вистинско освежување на македонската сцена. Кажи ни нешто повеќе за тоа како се снимаше истата, што е твојата инспирација и кога би можеле да очекуваме албум?

-Да, „Слаба страна” е мојот нов сингл. На песната не работевме многу долго време, додека не дознаеме што е тоа што е полн погодок… Јас и Лазе обично секогаш се пронаоѓаме. Обично кога ги слушам демоата тој веќе знае дали песната е за мене или не. На оваа песна работеа Лазар Цветкоски и Магдалена Цветкоска и секако јас ако не се вмешам не е тоа, тоа нели… Помогнав околу текстот и во последно време кога сум послободна времето го користам да се опуштам со тефтерче и пенкалце и да си напишам по некој текст кој што можеби во скоро ќе се најде и во некоја од моите следни песни. Инаку на видеозаписот работеше „Томато Продукција“, а тука беа и моите драги „Битрих“ кои што неизмерно ми помогнаа да се вклопам во целата кореографија и секако да додадам нешто свое. Пробите траеа десетина дена и навистина сум задоволна од нив, па и од мене, бидејќи пред тоа немав танцувано. Морам да кажам едно големо благодарам и до моите спонзори “Витаминка”, “Кожувчанка”, “Жито Лукс”, „Fashion Group“ и до мојот Даниел Николовски кој што секогаш е до мене како на професионално ниво така и приватно…

8. Многумина велат дека одлично би ти прилегал дует со некој од колегите како Слаткаристика или дуото ДНК, можеме ли навистина да очекуваме ваква соработка во блиска иднина?

– Очекувајте се разбира, бидејќи нешто што веќе се крчка. Но, засега не би можела да откривам детали.

9. Веројатно многу од момците во Македонија би сакале да знаат и нешто приватно за тебе, што те прави среќна и заљубена ли си во моментов?

– Многу сакаат да знаат (се смее). Се шегувам, но искрена да бидам би сакала мојата интима да биде само моја.

10. Како и секој млад човек веројатно и ти сакаш да излегуваш и да се забавуваш, останува ли доволно слободно време за забава и каде најчесто го поминуваш истото? Кое е твоето омилено место во Скопје?

– Сакам да се забавувам, но секако и сакам да се одмарам, да се изолирам и да се тргнам од се и сешто. Јас по карактер сум девојка-авантуристка која сака да излегува и да запознава нови луѓе. Излехувањата 24/7 во овој момент ми се на “Stand by” бидејќи се посветувам се повеќе и повеќе на мојата кариера, но никогаш не ги запоставувам моите најблиски, без разлика на се. Омилено место ми е секое место на кое што сум со оние што најмногу ги сакам. Инаку обожавам да седам дома и да се собереме да играме разно-разни игри… “Ризик” е играта што моментално сме заразени и јас и сите околу мене…

(Наталија Јосифоска)