АПЕЛ ЗА ПОМОШ: Живот на свеќа, помеѓу ѕидови кои се распаѓаат од мувла

|

Без никакви услови за живот, во разрушена куќа без прозорци, полна со мувла, без струја, без греење и со вода која тече од сите страни кога врне, како и со полу распаднати ѕидов, вака веќе 20 години живее семејството Најдовски од Битола. Мајката Николина зема мала пензија, нејзиниот син социјална помош, додека нејзината ќерка повремено живее кај роднините и ова се сите приходи кои ги има ова намачено семејство. Сопругот на Николина го загубил животот пред 5 години и од тогаш се сами.

Велат дека две децении немаат струја во куќата затоа што е во ваква состојба, па и приклучувањето струја е опа сно по живот, заради тоа што тече вода низ цела куќа, а немаат средства да ја поправат куќата.

-Не може дека тече вода. Страшно е. Не можеме ни да ја одржуваме, ни да живееме. Сакаме нормален живот, порано живеевме нормален живот, сега ова не е добар живот. Барам помош, во многу тешка ситуација сме, вели Николина Најдовска за телевизија Сител.

Мрачната и влажна куќа ја осветлуваат со свеќи и јадат претежно сува храна. Во зима, ако имаат дрва за огрев, шпоретот го палат малку колку да затопли, но како што велат оваа година немаат купено ниту дрва.

-Дрва немаме земено оваа година, нешто што остана од лани. Немаме услови да земе дрва. И за јадење немаме, од центарот му даваат на син ми, вели Николина за Сител.

Но, како уште поголем камен на нејзината мака, Николина вели дека последните десет години намерно и ја оштетуваат куќата. Пријавувала во сите институции, но вели дека досега никој не и помогнал.

-Животите ни се многу во опа сност. Во дворовите влегуваат, се туркаат: малтер, ѕидови, блокови, се се турка. Сакаат цела куќа да ја турнат и нас да ни свршат работа. Пред една година, децата од училиште кога си бегаа, фрлаа со камења. И јас кога излегував и по мене фрлаа. 12 години, пријавував, поднесував барања, но никој не ме викна досега, никој нема преземено ништо, вели таа за Сител ТВ.

Во желба за нормален живот, Николина се надева дека некој ќе и подаде рака.